ЗНМ, ССНМ и СЕММ: Измените во Изборниот законик ги загрозуваат работата и слободата на медиумите

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) се противат на усвоените измени и дополнувања на Изборниот законик, донесени како резултат на политички договор помеѓу власта и опозицијата со оценка дека директно ја загрозуваат работата на медиумите во време на предизборна кампања и се во спротивност со претходните укажувања и ставови на еснафските здруженија.

Во заедничкото соопштение трите организации наведуваат дека овие измени се донесени на нетранспарентен начин, со партиски консензус и зад затворени врати.

– Ставот на ЗНМ, ССНМ и СЕММ што им беше познат на партиите е да се укине платеното политичкото рекламирање за време на изборни кампањи во приватните медиуми, а измените во Изборниот законик не само што го озаконуваат истото, туку и овозможуваат тоа да биде направено со јавни пари од граѓаните, се посочува во соопштението.

Уште поголем апсурд, наведуваат, е што измените и дополнувањата во Изборниот законик ѝ даваат овластување на Државната изборна комисија, на чија што, посочуваат, „ефикасност“ бевме сведоци во сите изборни циклуси, да ги регистрира онлајн медиумите што ќе известуваат за изборите како и да ја мониторира и оценува нивната работа.

– Потсетуваме дека нема европска пракса за следење на начинот на известување на онлајн медиумите и дека со овој пристап се нарушува концептот на медиумската саморегулација. Освен ова, измените предвидуваат казни за традиционалните и онлајн медиумите во висина од 4.000 евра, за неизбалансирано и непристрасно известување според член 181а од Изборниот законик. Прашуваме кои се тие стручни луѓе во ДИК и на каков начин ќе ја мерат неизбалансираноста и непристрасноста на известувањето на онлајн медиумите, нагласуваат од ЗНМ, ССНМ и СЕММ.

Воедно, потсетуваат дека Агенцијата за медиуми од ваквата обврска се откажа токму поради немањето методологија, ниту европска пракса на некоја државна институција да се бави со (не)етичко известување. Последен обид на власта и опозицијата, се додава, да се занимаваат со професионалноста на медиумите за време на избори беше и ад-хок телото, кое се покажа како сосема неуспешно решение.

Како посебно проблематична измена на Изборниот законик ЗНМ, ССНМ и СЕММ го сметаат и членот 3 став 11, со кој на учесниците во изборниот процес им се наложува да достават медиа планови за политичко рекламирање кое потоа ќе биде платено од Буџетот на РМ на приватните медиуми. Сметаат дека ова претставува упад во независноста на уредувачката политика и програмските содржини на медиумите во време на предизборна кампања, бидејќи им се наметнува програмска шема од страна на политичките партии.

– Овие штетни измени во Изборниот законик не се во прилог на блокираните медиумски реформи и без дилема тие негативно ќе се одразат и во работата на медиумите и на севкупниот демократски амбиент во време на предизборна кампања, пососчуваат ЗНМ, ССНМ и СЕММ и најавуваат дека за овие недемократски законски мерки ќе ги известат и мисиите на странските претставништва кои се грижат за слободата на изразување и независноста на медиумите во Македонија.