ЗНМ и МВР потпишаа Меморандум за соработка

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот на ЗНМ Насер Селмани потпишаа денеска Меморандум за соработка, кој предвидува меѓудругото креирање протокол за известување за настани со висок ризик.

Учество во заеднички обуки и кампањи за подигање на свеста за улогата на МВР во зачувувањето на безбедноста и мирот на граѓаните, како и за важноста новинарите слободно и безбедно да си ја вршат својата работа, се дел од активностите предвидени со Меморандумот.

ЗНМ преку соодветни обуки ќе помогне во подготовка на припадниците на МВР за медиумски настап, односно во комуникација со медиумите во итнерес на правото за слободно изразување.

– Во минатото бевме сведоци за напади врз новинари, нешто што не смее да се случува во една демократска земја. МВР ќе направи се медиумските работници да можат слободно и безбедно да си ја вршат својата работа. Медиумите се столбот на едно демократско општество, тие мораат да имаат услови за слободно и безбедно да ја извршуваат својата работа, истакна Спасовски.

Селмани истакна дека со ова се демонстрира политичката волја за решавање на проблемите кои ги тангираат новинарите.

– Основниот проблем на новинарите изминатиот период беше нивната безбедност и улогата на медиумите во едно демократско општество. Изминатите пет години како ЗНМ регистриравме над 50 разни напади врз новинари, а институциите не успеаја да изведат пред суд ниту еден од нив, а меѓу нив за жал имаше и припадници на полицијата, истакна Селмани.

Додаде дека овој Меморандум ја покажува подготвеноста на двете страни блиску да соработуваат и да стават крај на политиката на неказнивост на напади врз новинари.