ЗНМ бара поголема безбедност наместо казни за новинарите

Насилството врз новинарите не се казнува, ниту еден насилник не е изведен пред лицето на правдата, истакнал Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) на средбата со генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер.

Како што соопшти ЗНМ, амбасадорот Гремингер, кој престојува во дводневна посета на Македонија ги запознал претставниците на граѓанските организации со целите на посетата во Македонија, да види како земјата ја надмина политичката криза и да се запознае со агендата за реформи на Владата, за што, рекол, ОБСЕ е заинтересирано да ги поддржи тие напори.

Во врска со измените на медиумските закони, Селмани рекол дека дебатата место да го подобри текстот на законот, тој се влошува. За ЗНМ, рекол, е апсолутно неприфатлива идејата на Владата да ја регулира медиумската содржина.

– Тоа е во спротивност со најдобрите практики во европските демократии – рече Селмани.

Тој посочил дека наметнувањето на парични казни за начинот на известување на новинарите покажува дека Владата сака да ја игра улогата на главен и одговорен уредник на медиумите.

Според него, Владата досега не покажала желба за вистинска дебата со аргументи околу моделот за финансирање на Македонската радиотелевизија.