Здравството“ ги скара албанските партии

Непосредно пред докомплетирањето на владиниот кабинет во албанскиот кампус кој е дел од парламентарното мнозинство има големи поделби. Изјавата од Америка на првиот човек на „Алијансата за Албанците“, Зијадин Села, дека ДУИ заедно со ВМРО-ДПМНЕ се главните организатори на „крвавиот четврток“, кој се случи во парламентот на 27 април оваа година, ги залади односите со партијата на Али Ахмети. ДУИ после оваа изјава на Села одговори со контраофанзива ставајќи до знаење дека никогаш нема да гласа кадар на „Алијансата за Албанците“ да седне на министерското место во здравството. Села преку нова изјава го обвини и претседателот на Национална демократска преродба, Весел Мемеди, дека преминал во редовите на ДУИ.
Преку прес-конференција Мемеди излезе со контраизјава. Тој јавно го праша Села чии интереси брани, обвинувајќи го дека токму тој ги брани „боите“ на ВМРО-ДПМНЕ.
– Јас како прв човек на НДП им кажувам на Села и на целата јавност дека Весел Мемеди и НДП се дел од коалицијата која ја сочинуваат три политички партии, а се вика „Алијанса за Албанците“. Најдобар одговор и аргументација дека продолжуваме да бидеме дел од оваа коалиција се Државната изборна комисија и Собранието, каде што дури и денес сите три политички партии продолжуваат да бидат дел од коалицијата „Алијансата за Албанците“, заедно со трите пратеници избрани од оваа коалиција. Весел Мемеди и НДП и понатаму се дел од оваа коалиција. Обвинет сум дека јас сум преминал во друга политичка партија, а всушност токму Зијадин Села е тој што излезе од оваа коалиција и го промени името на својата партија во „Алијанса за Албанците“. Зијадин Села треба да даде објаснување кого претставува, дали таа коалиција, тој концепт и целта поради која беше формирана или сега претставува некоја сосема друга политичка партија. Сметам дека со вакви ниски напади не може да функционира коалицијата, така што само ќе се обвини другата страна бидејќи се нема јасна визија и концепт што понатаму. Тогаш и јас ќе ја употребам истата таа логика и ќе го обвинам Зијадин Села со ДР-ДПА дека тие се дел од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи самиот секретар Арбен Таравари за целата македонска јавност рече дека ние идеолошки сме многу поблиски до ВМРО-ДПМНЕ. Еве, и јас ќе кажам дека ДР-ДПА или таа политичка партија е дел од ВМРО-ДПМНЕ – изјави Весел Мемеди.

Според еден дел од аналитичарите, лидерот на „Алијансата за Албанците“ Зијадин Села има право во неговите изјави за ДУИ и Весел Мемеди. Според сопственикот на дневниот весник „Лајм“ и добар познавач на политичките случувања во Македонија, Фејзи Хајдари, изјаснувањата на Села за ДУИ и Весел Мемеди се од оправдани причини бидејќи, според него, ДУИ за време на „крвавиот четврток“ не успеа да влијае во зачувување на сигурноста на пратениците, додека пак Весел Мемеди е тројанскиот коњ во албанската политика.
– Села имаше право кога ја обвини ДУИ за крвавите настани во парламентот на 27 април. Како може да не се обвини ДУИ кога таа освен што тогаш беше дел од владата, нејзин кадар дури беше дел од Министерството за внатрешни работи, кој токму тој ден не успеа да има никакво влијание во настаните. Фактички, ова го призна и тогашниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу, кој даде банална изјава околу опструкциите за наредбите. Кога е во прашање Весел Мемеди, фактички тој е и дел од ДУИ, бидејќи ова го докажуваат неговите лични ставови. Јас впрочем немам сознанија дека има други членови во неговата партија. Не дека првиот човек на „Алијансата“, Зијадин Села, нема вина во „факторизирањето“ на Мемеди, но тој повеќе од кој било политичар е трансформиран во тројански коњ на албанската политичка сцена и придонесе во делбите на албанскиот опозициски политички фактор. Тој, додека беше во „коалиција“ со Села, освен што буквално никогаш не кажа ниту еден збор против ДУИ, посебно против Али Ахмети, туку по секоја цена се обидуваше да придонесе да не се обедини албанската опозиција пред парламентарните избори. Со неколку збора, Мемеди, кој на Тетовскиот универзитет како професор беше вработен од ДУИ (барем така се зборува), само што го доби пратеничкиот мандат се постави покрај ДУИ и преку Ахмети придонесе во поделбите на албанскиот политички фактор. Мислам дека ДУИ и Мемеди, ако станат маргинален политички фактор, треба да одговараат за тој неуспех на албанскиот политички фактор и неговото слабеење во општата политичка насока во Македонија, а особено во институциите на системот – изјави за „Независен“ Хајдари.
Запрашан дали би останал дел од владина структура ако „Алијансата за Албанците“ остане без претставник во Владата, лидерот на НДП, Мемеди, изјави дека сѐ додека владата е реформска, тој ќе гласа за истата, без разлика дали е или не е член во неа. И покрај овие меѓукоалициски кавги и спротивставени ставови со Села, Мемеди изјави дека останува дел од „Алијансата“ бидејќи Села не е нејзин предводник, туку само претседател на Партијата за реформи во ДПА.
Од друга страна, пак, лидерот на „Алијансата за Албанците“, Зијадин Села, и натаму со цврст став и со нова порака до премиерот Зоран Заев. За ТВ „Алсат-М“, Села се изјасни дека цело време неговите кадри професионално го воделе здравството и ако Заев има проблем околу тоа, тогаш треба тој да се праша каде е проблемот, бидејќи здравството и локалната самоуправа ѝ следуваат токму на неговата коалиција.

Блерим Исмаили