Згрижувањето, приказна за љубовта: „Боже помогни ми, ќе умре детето“

Шехерезада Петрова е жена која покрај трите родени, во својот дом чувала и шест туѓи деца. Таа е доказ дека и во ромското Тенеќе Маало, каде што се чини дека сиромаштијата нема крај, живеат благородноста и човештината. И дека ниту работата што ја работи, богатството и социјалниот статус не зборуваат за човек толку колку што покажува неговиот однос кон оние на кои им треба помош.

Последната година, топол и сигурен дом кај неа имаат Фернандо и Медина. Тоа се две од вкупно четирите деца од едни речиси распаднати човечки судбини кои не успеале да се обединат во вистинско семејство.

„Мајка им ги попарила со врела вода, ги тепала со метла, со шамари… Кога првпат го видов, малиот со 16 месеци имаше само седум килограми. Слаб, коски и кожа. Рани по цело тело. Со него бев два месеца во болница. Викам, Боже помогни ми, ќе умре детето. Не можеше ни да стои. Сега трча. Што да ви кажам, се родило во полско веце“ – открива Шехерезада за детето што ѝ се гали во пазуви додека таа го открива тешкиот почеток на неговиот живот.

Фернандо и Медина имаат уште две сестри од по седум-осум години. Нив ги чува ќерката на Шехерезада, мажена во друга куќа. Впрочем, така и почнала приказната со згрижувањето. Шехерезада ѝ помагала на ќерка си кога ги носела децата на лекар или во социјално. Еден ден, социјална работничка ѝ рекла: а ти зошто не земеш деца, би им била одличен згрижувач? И станала една од најдобрите, веќе пет години.
Да направите човек од туѓо дете е тешка задача. Приврзаноста за него е и страв – да не ти го земат утре.

„Првото го зедоа оти немаше документи. Уште ме боли душата за него. Две деца ги зедоа родителите. Уште две други беа дадени на посвојување. Ги правам убави, па сакаат да ги посвојат. Како згрижувачки семејства, поминавме обука да не се зближуваме со децата. Но, тоа се само зборови. Мислам дека овие сега ќе останат. Четирите не смеат да се делат, секој ден се гледаат, сè си делат“ – се надева Шехерезада.

А дека треба да ѝ се честита на трудот, е факт видлив како бел ден. Дома кај неа нема ништо од нечистотијата и хаосот во познатото ромско маало на патот накај Топаана во Скопје. Куќата е убаво уредена, широка и чиста. Децата избањати, дотерани, најадени и прошетани. Неодамна со дозвола на Центарот за социјални работи ги носела и во Швајцарија, каде што живее син ѝ. Но, тука има и нешто поголемо од физичката грижа. Тоа се љубовта и радоста што бликаат од неа додека ги кажува плановите за децата. Тоа се големи планови за жена која можеби немала толку среќа со своето образование и заработува така што чисти влезови на згради. Децидна е дека сите деца од нејзиниот дом мора да се школувани и вработени.

„Јас моите родени деца многу ги чував. Ќерките се медицински сестри, синот е во странство.Тројцата се културни, образовани и вработени. Кога ќе пораснат Фернандо и Медина, сакам и нив да ги школувам. Доктори да бидат. Да направам луѓе од нив за и кога ќе се возрасни да ме сакаат и да ме почитуваат. Децата не забораваат и не можеш да ги лажеш. Тие чувствуваат кој им дава љубов. Ама како ќе се однесуваат, зависи од тоа како ќе ги воспиташ. Дома зборуваме ромски, но со нив и македонски зборувам, да научат. Од септември ќе ги дадам во градинка“, вели Шехерезада.

Згрижувањето во семејства е најдобрата опција за децата за кои нивните родители не можат да се грижат, или за децата кои со реформата позната како деинституционализација ќе бидат извадени од зад ѕидовите на институциите. Од оние за кои порано се велеше дека кога ќе влезеш во нив, никогаш нема да излезеш. Ако првиот пат кога се појавија згрижувачките семејства, мотивот кај повеќето беа парите (надомест од околу 8.000 денари за дете), сега се оди на тоа згрижувачи да станат лица или семејства кои имаат „вишок љубов за давање“. Главната порака е ако не можете да им бидете родители, бидете им семејство на децата кои го немаат основниот столб на кој да се потпрат. Кој тоа не може да го сфати, подобро да не влегува во оваа приказна.

Луѓето како Шехерезада велат, кога ќе успеете да го изведете тоа дете на вистински пат, тука нема враќање. Вие сте веќе семејство.

Сунчица Стојановска-Зоксимовска