За скандалот со снимањето власта прстот го вперува кон Зврлевски и Панчевски

Премиерот Зоран Заев кој синоќа обелодени дека освен разговорите на обвинителите, снимани биле и фиксните телфони во Кривичниот суд, во својата изјава без да спомене имиња, сомневањата ги насочи кон поранешниот републички обвинител Марко Зврлевски и поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, односно дека тие стојат зад скандалот со снимање на судии и обвинители.

„Набавката која се направила во Јавното обвинителство и во Основниот суд Скопје 1 знаеме кој ја раководел тогаш и тие ќе си понесат своја одговорност, бегање од тоа нема. Ако покаже истрагата дека тоа е со нивно знаење, а тие се тие што ги набавуваат, потпишуваат и исплаќаат ваквите централи, секој ќе си понесе одговорност“, рече Заев.

Иако во 2016 година, од кога, според јавните информации, биле снимани разговорите на обвинителите и судиите, министер за внатрешни работи беше Оливер Спасовски, власта вели дека ова снимање на разговорите е рецидив од минатата власт.

„Јас сум информиран во моментот кога министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е информиран за истрага, која е отпочната пролетта. Тоа точно ќе го каже јавниот обвинител кој ја водел истрагата. Се работи за систем поставен во централата за внатрешната комуникација во Јавното обвинителство. Знам дека истоветен систем е поставен и во новата зграда на Основен суд Скопје 1 и веројатно ќе кажат и каде се на друго место. Уште во далечната 2016 година, некаде тоа е користено, некаде не, истрагата ќе покаже кој тоа го користел, кој како го злоупотребил. Јас верувам дека веќе ги имаат сите наоди“, рече Заев.

Овие централи се вградувале во 2016 година, пред промената на власта.

Вчера републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески обелодени дека од 2016 година до сега биле снимани разговорите на фиксните телефони во обвинителството. Сега во предистрага ќе се утврдува дали овие разговори биле злоупотребени.