За одземање на имунитетот на шестмината пратеници ќе се расправа денес

Седницата на собраниската Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања, која треба да расправа за барањата за одземање имунитет на шестмина пратеници кои се осомничени за учеството во насилствата на 27 април во Парламентот треба да се одржи денес.

Претседателот на Собранието Талат Џафери за МИА вели дека барањата ќе бидат доставени до Комисијата онака како што е пропишано со Деловникот и дека нема потреба да се брза. Роковите и постапката ќе бидат запазени, истакна Џафери.

Кривичниот суд до Собрниеето достави барања за одземање на имунитетот на шестмина пратеници поради притвор. Тие се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата во врска со насилствата што се случија во Собранието на Република Македонија на 27 април годинава.

Претседателот на Собранието Џафери откако ќе ги прими овие барања треба да ги достави до претседателот на Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања, Павле Богоевски.

Откако известувањето ќе пристигне до Комисијата, таа е должна да го разгледа и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието. Врз основа на извештајот на Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот одлучува по барањето. За одземање на имунитетот на пратеникот потребно е просто мнозинство. По известувањето за притворање пратеник, кој не се повикал на имунитет, Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник, ако тоа е потребно за вршење на функцијата пратеник.

Пратениците од власта имаат мнозинство во Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања, така што се очекува одлука да биде донесена и доколку пратениците од опозицијата односно од ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваат на седницата. Членови на оваа комисија се и двајца од пратениците за кои има информации дека е побарано притвор, но според Деловникот и тие треба да бидат известени за седницата. Нивното место во Комисијата ќе го заземат заменици-членови од пратеничката група.

Заменик претседател на Комисијата е пратеникот Петар Атанасов, а членови Мирослав Јовановиќ, Александар Кирацовски, Сашко Костов, Агим Шаќири, Трајко Вељаноски, Јохан Тарчуловски, Крсто Мукоски и Борис Змејковски, а заменици се Горан Мисовски, Хари Локвенец, Сашко Атанасов, Мирсада Емини – Асани, Владимир Ѓорчев, Невенка Стаменковска, Никола Попоски и Зоран Ѓорѓиевски