За Крсто нема ни суд ни антикорупциска

Пратеникот Крсто Мукоски и неговиот брат ќе успеат да се спасат од непријатните прашања како е можно фирма под истрага да добие државен тендер вреден 600.000 евра. Покрај заштитата од власта, во прилог му оди и фактот што Македонија веќе девет месеци нема функционална Антикорупциска комисија по оставките поради преплатените патарини. Не дека во минатото, кога ја имаше, се претргнуваше од работа, но сепак висеше како страшило пред злоупотребите на моќта и на влијанието.

Новиот закон за Антикорупциска комисија конечно е во собраниска процедура и власта се надева оти ќе биде донесен до крајот на годината. Веднаш потоа, би се избрале членовите и би се формирало тело во комплетна координација со Венецијанската комисија и со Европската делегација, при што би се елиминирале слабостите воочени во минатото.

 

                                                                ДКСК ќе се оддели од политиката

 

На Македонија и е неопходна Антикорупциска комисија која вистински ќе се бори со корупцијата што, поради криминално децениско владеење на ВМРО-ДПМНЕ, се прошири до огромни размери. Воспоставување транспарентна постапка при изборот на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), утврдување критериуми што ќе значат одделување на ДКСК од политиката, независност, професионалност и посветеност на вистинската борба со корупцијата се дел од новините што ги предвидува Предлог-законот за спречување на корупцијата и судир на интереси“, велат од СДСМ.

Сепак, зад надежите и ветувањата на владеачката партија стои празен од од девет месеци. Во март годинава, петмина од вкупно седум членови на комисијата, вклучително и претседателот, си поднесоа оставки по скандалот со злоупотреба на финансиски средства. Ревизијата од страна на Управата за јавни приходи врз работењето на претходниот состав на антикорупционерите покажа дека ним им се исплаќале патни трошоци врз основа на неверодостојни патни налози, по што тие поднесоа одговорност, иако тврдеа дека случајот е инструиран.

Експертите предупредуваа дека државата не смее да си дозволи долг период без функционално тело кое ќе се бори против корупцијата. Порачуваа дека требало да се постапи по стариот Закон и да се назначат нови членови, а потоа да се изгласа и спроведува новото решение.

Новинарот Сашо Ордановски, кој беше претседател на невладината „Транспарентност Македонија“ потенцира дека фактот што во државата девет месеци не функционира ДКСК е последица на политичките пазарења за промена на Законот за борба против корупцијата во кој треба да се определи нов начин на избор на ова антикорупциско тело, што ќе овозможи помало партиско влијание во изборот на неговите членови и зголемен кредибилитет на Комисијата.

 

                                                                             Власта е поодговорна

 

Очигледно, ова не е приоритет ниту на власта ниту на опозицијата, што претпоставува дека сите политичари се среќни кога нема независен надзор во сферата на антикорупциските активности врз нивната работа. По дефиниција, за тоа политички е поодговорна власта, бидејќи тие се главните трошачи на државните пари и другите ресурси околу чие располагање се вртат најголемите корупциски афери. По сите објективни изговори за неформирање на ДКСК до сега, сега веќе не постојат добри причини зошто Комисијата не би се формирала веќе на почетокот од идната година“, анализира Ордановски.

Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека власта свесно ја кочи работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, бидејќи на тој начин сака да одбегне одговорност за низата корупциски скандали кои се случуваат со нејзното работење.

Владата не сака механизми за спречување или сузбивање на корупцијата и нема преземено ниту еден чекор во тој правец. Дека е вистина ова што го говориме е 112. место во индексот на корупција на транспарентност“, поентираат во најголемата опозициска партија.

Бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата беше едно од клучните ветувања на СДСМ пред да дојде на власт. Во изборната пограма беше наведено дека ќе се фофмира нов формат на Антикорупциската комисија со пристап до сите институции и информации, со силен мандат и независен состав. Досега, седуммината членови на ДКСК беа именувани од Собранието и имаа мандат по четири години.

Горан Адамовски