За договорот за промена на името пратениците пак ќе гласаат на 5 или 6 јули

На 5 или на 6 јули ќе биде закажана собраниската седница на која треба повторно да се гласа за Договорот со Грција за името, изјави денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Потоа, како што кажа, доколку по втор пат претседателот на државата не го потпише указот и тоа помине во пракса, ќе се употреби исто решение и за Договорот, но и за Законот за употреба на јазиците. Едно од решенијата е тие да бидат испратени во Службен весник без потпис на претседателот Ѓорге Иванов.

Но, Џафери остава простор Иванов да се премисли и да го потпише Договорот, во овој, како што наведе, историски момент за државата.

Џафери потенцираше дека Собранието мора да ги спроведува своите одлуки и оти сите кои имаат дилеми за законите можат да достават иницијативи до Уставниот суд.

Рокот за предлози за членови на ДИК завршува денеска и доколку заседава Комисијата за избори и именувања, Џафери би можел да свика седница следната недела. Но тоа би можело да биде и на 17 јули.

Во однос на референдумот вели дека доколку се одржи на крајот на септември, тој мора да биде распишан на крајот на јули.