Заловен досега најкрупниот балкански рис во Националниот парк „Маврово“ се бара име за мажјакот Б8

Викендов близу селото Сенце, во НП „Маврвово“ беше заловен уште еден балкански рис, шести по ред од кога започнаа истражувањата со методот на радиотелеметрија и GPS следење на обележаните единки од страна на Македонско еколошко друштво во 2010 година. Треба да се истакне дека рисот Б8 засега го држи рекордот за најголем балкански рис што бил фатен за научно истражување. Со 27 килограми сметаме дека тој е вистински „ѕвер“.
– Викендов добивме сигнал дека една од кафез замките е активирана и веднаш со тимот на МЕД и вработените на НП „Маврово се упативме да ја провериме замката. Изненадувачки за нас беше што се работи за крупен мажјак од 27 килограми за којшто се востанови дека е постојан жител на паркот и е сликан од фотозамките на вкупно 12 различни локации во последните шест години, изјави Диме Меловски, раководител на Програмата за зачувување на балканскиот рис, од Македонско еколошко друштво.
На рисот Б8 му е поставен околувратник и веќе три дена се добиваат информации за неговото движење низ паркот. Податоците од радиотелеметријата ќе придонесат за подобро да се разберат потребите на рисот за исхрана и живеалиште, а и за дијаметарот на неговото движење.
Сакаме на овој рис да му се даде име. Предлозите се: Бистри, Филип, Јован, Мујо, Сенко и Вир.
Од 2010 до сега МЕД ги има заловено и следено рисовите Марко, Ристе, Мартин, Деки, Маја и….
На балканот се проценува дека живеат уште помалку од 50-тина единки од видот балкански рис којшто од 2015 година го има статусот на критично загрозено животно според Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN).