Законот за јазиците ја помина првата фаза

Со 66 гласа „за“ и 41 „против“, Собранието го изгласа попладнево законот за употреба на јазиците, во прва фаза, односно ја утврди потребата за негово донесување. Со тоа, законот, кој е дел од коалицискиот договор меѓу владечачките СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците, влегува во финалната фаза од собраниската процедура, кога пратениците ќе можат да поднесуваат амандмани на текстот.

Координаторот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски најави дека неговата партија ќе гласа против, оценувајќи дека законот е противуставен и дискриминаторски кон македонскиот јазик, како и кон другите јазици што ги говорат граѓаните во Македонија.

„Ќе ги разгледаме сите демократски постапки во следната фаза да се отстранат слабостите во овој закон“, рече Димовски.

Артан Груби од ДУИ го поздрави гласањето на пратениците од мнозинството, изразувајќи надеж дека расправата во финалната фаза ќе помине во најдобар ред и дека законот ќе биде донесен до крајот на годинава.

Груби  изрази разочараност што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против, но рече дека се надева оти тие ќе ја променат одлуката во следната фаза, бидејќи, како што нагласи,  со овој закон се заокружува нормативниот дел од Рамковниот договор.

„Не гледам потреба од голема амандманска расправа, бидејќи законот е во рамките на Уставот. Седница на Комисијата за европски прашања ќе биде закажана на Денот на албанската азбука“, најави Груби.