Законот за амнестија по скратена постапка на собраниска седница

Собранието на Република Македонија за денеска во 16 часот закажа нова седница на која единствена точка е Предлог законот за амнестија, за случувањата на 27 април, по скратена постапка.

Предлогот е поднесен од пратениците Емилија Александрова, Фросина Ташевска Ременски, Зеќир Рамчиловиќ, Мухамед Зеќири, Горан Мисовски, Весел Мемеди, Соња Мираковска, Снежана Калеска Ванчева, Нола Исмајлоска, Јован Митрески, Владанка Авировиќ, Артан Груби, Бранко Маноиловски, Агим Шаќири, Павле Богоевски, Ирена Стефоска, Чедомир Саздовски, Далибор Богдановски, Костадин Ацевски, Елизабета Канческа Милевска, Мерал Узеири Ферати, откако денеска беше соопштено дека Интерпартиската парламентарна група за реформи, помирување и интеграција постигнала согласност за законското решение.

Согласно Предлогот, амнестијата не ги опфаќа организаторите и подготвувачите на настанот, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје и експлозивни направи, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања. Од амнестија ќе бидат изземени и лицата кои се обвинети за здружување заради непријателска дејност согласно чл. 324 од КЗ.

Сите обвинети за насилствата во македонското Собрание од 27 април имаат право во рок од пет дена по донесувањето на законот да поднесат индивидуални барања за амнестија, а судот ќе донесе решение по мислење на ЈО, а врз основа на докази со кои располага.

-Ние се движевме во рамки на тоа што не може да биде опфатено со законот за амнестија. Тоа ни беше појдовна основа. Целта на дебатата по овој Пределог-закон не се однесуваше на номинирање конкретни кривични дела, не се водевме персонално кон никого, туку дававме опис на дела – дејствија за кои лицата не можат да бидат амнестирани, рече денеска копретседавачот со Интерпартиската група Фросина Ташевска Ременски.

Таа потенцира дека секој обвинет индивидуално ќе може да поднесе барање до надлежниот обвинител и суд, а оти судот ќе донесе решение по претходно мислење на Јавното обвинителство кое ќе го темели врз основа на докази со кои располага.

Не сакаше да коментира како ќе бидат квалификувани делата на пратениците кои ги отворија вратите од Собранието на 27 април. Тоа, потенцира Ташевска Ременски, ќе го цени Јавното обвинителство и судот.