Заев: 16 инкубатори за Клиниката за гинекологија и уште 10 за болници низ државата

Вкупно 16 инкубатори за бебиња доби Одделението за интензивна нега на Клиниката за гинекологија (ГАК). Уште десет инкубатори ќе бидат доставени до болници и клиники низ државата. Ова го најави премиерот Зоран Заев, за време на денешната посета на ГАК.

Инкубаторите ќе добијат општите болници во Штип, Тетово, Струга, Прилеп, Охрид Куманово, Битола, Гостивар и Струмица како и за Специјалната болница за гинекологија и акушерство Чаир, во Скопје. Сите се сонација од Владата.

– Наша најголема заложба и обврска како Влада и како одговорни граѓани е да се грижиме за најмалите уште од првиот момент после нивното раѓање бидејќи се работи за самиот почеток на животот на идните генерации како најважна и највисока човечка вредност. Грижата за новороденчињата е, и ќе продолжи да биде еден од врвните приоритети на Владата – рече Заев.

Тој додаде дека Македонија е земја со висока смртност на новороденчиња и ги повика сите политички субјекти, институции, општествено одговорни компании, граѓански организации и граѓани заедно да работат и да се борат со овој проблем за да се промени состојбата.

– Горчината во душата што ја чувствуваме кога ќе го слушнеме процентот на смртноста на бебињата, крајно време е да ја отстраниме од нашите души. Ваквите донации се пример дека можеме заедно и државата и приватниот сектор да придонесеме кон решавање и на нај горчливите проблеми што ги мачат граѓаните – додаде премиерот.