Заев: Штитејќи го културното наследство го јакнеме идентитетот

Штитејќи го културното наследство, го јакнеме нашиот идентитет, порача денеска од Галичник премиерот Зоран Заев, кој е покровител на годинашната манифестација „Галичка свадба“.

Пред присутните, Заев истакна дека културното наследство е нашата гордост и оти негувањето на традицијата на Галичката свадба е силен показател дека сме на вистинскиот пат.

–  Пред само неколку дена во Брисел бев посебно горд на поканата којашто ја добивме за членство во НАТО и светлата иднина која не очекува. Денес сум посебно горд на нашето минато, на нашето културно историско наследство кое го славиме со векови наназад и така ќе продолжиме и во иднина, рече Заев.

Потсети дека Галичката свадба повеќе од четири децении како културна манифестација ги негува свадбарските обичаи, изворните песни и ора и надалеку познатата галичка носија и најави дека Владата ќе продолжи да ја негува македонската традиција.

– Ја градиме Македонија како едно општество, како едно семејство за сите. Тоа е промената на трајната придобивка која ќе ја направи Македонија земја со која сите ќе се гордееме, рече македонскиот премиер.

Галичката свадба годинава се одржува по 45 пат. Младенци се Тања Лепческа со потекло од Галичник и Златко Димовски кои се венчаа во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“.

Посетителите имаа можност да проследат над 30 обичаи кои што се изведуваат за време на свадбарските денови. Покрај младенците учествуваа и околу 100 статисти облечени во автентични галички носии, културно уметничко друштво со околу 30 ученици, коњица и коњи со техничката поддршка, односно вкупно околу 250 луѓе.

Галичката свадба од Агенцијата за поддршка на туризмот е прогласена за најуспешна туристичка манифестација за минатата година, а од Њујорк Тајмс и Нешнл Џиографик за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа.