Заев уверува дека Груевски ќе биде вратен, Унгарија решава за азилот

Премиерот Зоран Заев уверува дека поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој е осуден на двегодишна затворска казна, а избега во Унгарија, ќе биде вратен во државата.

– Јас кажувам дека Груевски ќе биде вратен. Унгарија треба да каже дали бил киднапиран, дали по своја волја влегол во дипломатско возило, рече Заев во интервју за Алсат М, кое вчера беше пренесено од македонските медиуми. Притоа, тој го посочува примерот со поранешниот хрватски премиер Иво Санадер кој избега од Хрватска откако беше осуден, но по една година, беше фатен и испорачан на хрватските власти.

И додека во Македонија се подготвува барањето и документацијата за екстрадицијата на Груевски, а унгарските власти го разгледуваат неговото барање за политички азил, во македонското Министерство за внатрешни работи се водат две истраги кои треба да утврдат како избегал Груевски и дали некој од полицијата му помогнал, по што се очекува МВР да излезе со детали.

– Ако се утврди одговорност, ќе понесе одговорност, па кој сака нека е во државата, почнувајќи од мене, па кој било друг. Но, не можеме да разрешуваме затоа што е гневна јавноста, рече Заев во интервјуто за Алсат М.

Досега, македонското Министерство за внатрешни работи и Обвинителството не излегоа со официјални информации за бегството и движењето на Груевски и за тоа каде се пропустите во целиот случај.

Она што досега се знае за рутата по која се движел Груевски, а за што потврда стигна од албанската полиција, е дека тој бил на албанска територија и од таму преку преминот Хан Хоти се упатил кон Црна Гора. Портпаролот на албанската полиција за АТФ изјави дека Груевски во Абанија несомнено влегол пеш бидејќи неговиот влез не е регистриран на ниту еден граничен премин меѓу Македонија и Албанија. Од Албанија влегол во Црна Гора од каде, според српските и црногорските медиуми, кои се повикуваат на дипломатски извори, влегол во Србија преку граниччниот премин Добраково, а оттаму заминал за Унгарија.

Дел од домашните медиуми вчера ја пренесоа и информацијата на бугарски „Фокус“ дека Груевски ја напуштил Унгарија и заминал за Турција или Русија.