Заев сепак не се откажува од Села, ќе му чува место ако се премисли

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека вицепремиерското место за реформи ќе го чува за „Алијансата за Албанците“, а испразнетите места на замениците министри од оваа партија кои вчера поднесоа оставки ќе бидат пополнети после Нова година.

Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот Заев рече дека вицепремиерското место за реформи е важно потпретседателско место.

– Потпретседател на Владата за реформи значи да го координира дури и Заев, да го координира и министерот за правда, министерот за внатрешни работи, министерот за европски прашања и другите соодветни министерства. Успешноста на реформите на една мала партија ќе и даде отскочна штица или скалило повеќе во нејзиното позиционирање – истакна Заев, додавајќи дека на Алијансата на Албанците и биле дадени сериозни институции како Фондот на пензиско и инвалидско осигурување, Имотно-правната служба Агроберзата и други.

Тој посочи дека не преговарал со ДПА и оти за последната средба со лидерот на партијата Мендух Тачи јавноста била информирана, но не ја исклучи можноста да се случат разговори по Нова година.

– Можеби ќе се случат разговори после Нова година. Не би бил чесен ако не кажам дека сакам наместо 61 да имам 65 пратеници што значи и постабилно парламентарно мнозинство. Јас ќе продолжам да разговарам и со помали политички партии и одговорноста на овие ресори морам да ја распределам, истакна премиерот Заев.

Еден дел од испразнетите места, како што посочи, ќе им бидат дадени на помалите партии. Заев се надева дека до 15 јануари ќе бидат пополнети сите испразнети места кои се под надлежност на Владата.