Заев реферирал пред врвот на СДСМ за промените во Владата

Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев ги информирал членовите на раководството на партијата дека до крајот на оваа работна недела би требало да се донесат одлуките за пополнување на потребните кадровски решенија, за местата што се испразнија по локалните избори. Во таа насока, тој реферирал за политичките разговори со дел од коалициските партнери околу пополнувањето на испразнетите места во Владата, пред се за министерското место за здравство -на синоќешната седница на Централниот одбор на СДСМ.
На состанокот е донесена и одлука за распишување внатрепартиски избори за нови челници на општинските организации на владејачката партија. Постапката за избор на органите и носителите на функции во општинските организации на СДСМ и во градската организација – Скопје почнува на 27 ноември, а завршува пред крајот на годинава. Централниот одбор, како што соопштуваат од СДСМ, донел одлуки за начинот, постапката, роковникот и критериумите за кандидирање и избор на локалните партиски функционери.

На четвртата седница на ЦО, бил усвоен и Извештајот за локалните избори. Во него се констатира, меѓудругото, дека избирачите ги препознале чесниот пристап, домаќинското работење и спроведувањето политики во интерес на граѓаните.

„Во наредниот период ќе го вградиме целокупниот легитимитет добиен на последните избори во придвижување на економските и реформските процеси, за граѓаните да имаат повеќе пари и повисок животен стандард. Покажавме дека сме успешни во надворешната политика, а тоа ќе го покажеме и на внатрешен план преку реализација на програмата што носи живот за сите. Чесниот и домаќински пристап ќе продолжи и на локално ниво“ порачал Заев пред неговите сопартијци во ЦО.