Заев: Пред Македонија е можност за затворање на поглавјето за членство во ЕУ

Датумот за преговори за членствов во ЕУ е голем поттик и мотивација за сите граѓани и пред земјата, како никогаш досега, стои можност да затвори стратешкото поглавје од својата современа историја – полноправно членство во Европската Унија, истакна денеска премиерот Зоран Заев во своето обраќање на Форумот Кран Монтана во Брисел.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев имал обраќање на сесијата „Југоисточна Европа и нејзиното пристапување кон Европската Унија“, во кое ги запознал учесниците на форумот со искуствата од потпишувањето на Договорот за решавање на спорот за името и за стратегиско партнерство меѓу Република Македонија и Република Грција.

Заев информирал дека компромисот со Република Грција, реализиран во духот на најдобрите искуства од европското минато, во духот на дијалогот како европски начин, преточен во решение, ќе биде ставен на конечна одлука, повторно во духот на европските демократски манири кога станува збор големи национални одлуки – на референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат идното име на нашата земја да биде – Република Северна Македонија, со потврден и меѓународно признат и зајакнат македонски идентитет.

Како резултат на овој договор, рекол Заев, „дојде и одлуката на Европската Унија, на Република Македонија да и одреди датум за старт на преговорите и за отпочнување на последната фаза од пристапувањето во полноправно членство на нашата земја во унијата“.

– Нашата земја го заслужи тоа. Оваа одлука е непосреден повод за датумот за преговори за Република Македонија, но причините за неа се и препораките на Европската Комисија кој во април му достави на Европскиот Совет кристално чиста и безусловна препорака, дека нашата земја ги исполнува условите и треба да добие датум за отворање на поглавјата за пристапување. Само пред 24 месеци, Европската Комисија ја опиша Република Македонија како заробена држава. Термин за држави киднапирани од корупција и од авторитарни режими. Само една година подоцна, Европската Комисија нотираше позитивни промени, динамичен процес на реформи, инклузивност и општествен дијалог, политичка волја за решавање на споровите со соседите, и јасно изразена визија за европска иднина, рече Заев.

Разликата со претходниот извештај, според македонскиот премиер, е драстична.

– Денес, Република Македонија е слободно општество со видлива политичка волја за реформи кои што недостасуваа во минатото, рече премиерот Заев.

Република Македонија, истакнал тој, ќе направи се за да продолжи по патот на реформи и на исполнување на нејзините стратешки аспирации – членство во ЕУ и НАТО, и дека следното проширување на ЕУ, во кое ќе биде вклучена и Република Македонија, е – во суштина – консолидацијата на Европската Унија.

– Консолидацијата на ЕУ ќе биде потполна кога таа ќе ги прифати во своето семејство земјите од Западен Балкан што ќе ги исполнат условите – се разбира. Нам сите ни е познато дека поттикот што ЕУ им го дава на земјите што преговараат во таа последна фаза од процесот за членство – е суштествен, исклучително фокусиран мотивирачки и охрабрувачки за земјите кандидатки за членство. Пред нас имаме конкретна цел. Никогаш не сме биле поблиску до членство во ЕУ“, нагласи премиерот Заев.

На Форумот Кран Монтана учествуваат претседатели и шефови на влади, како и други истакнати личности од политичкиот и општествениот живот на Европа.