Заев: Нудиме помош за засегнатите во поплавите во Грција

Премиерот Зоран Заев испрати писмо со сочувство до својот грчки колега Алексис Ципрас, по трагичните последици од катастрофалните поплави во неколку градови во Грција.

Во писмото Заев истакнува дека сочувствува со семејствата и роднините на загинатите, повредените, како и со граѓаните погодени од поплавите, соопшти владината прес-служба.

– Би сакал да ја нагласам нашата подготвеност да ви понудиме секаква помош во овие тешки времиња за вашата земја. Нашата Влада и нашата држава се посветени на одржување на добрососедските односи и затоа ви ја нудиме нашата поддршка во овие несреќни моменти, се вели во писмото на Заев до премиерот на Грција.

Премиерот Заев во писмото изразува надеж дека соседна Грција ќе ги надмине и ќе ги санира последиците од оваа голема природна катастрофа.