Заев: Не планирам избори во 2018

„Како мандатор и како премиер не планирам во 2018 година да има избори. Тоа е година во која што треба да одработиме, граѓаните да го почувствуваат тоа“, порача денес од Прилеп премиерот Зоран Заев.

На прашањето како планира да се справи со ситуацијата по изборот на јавен обвинител што „покажа дека Владата има тенко и нестабилно мнозинство во парламентот“, премиеротоцени дека тоа сепак е добро за демократијата во земјава.

„Тоа е добро за Македонија, не ни требаат нови диктатори во државава. Тенкото мнозинство беше потврдено и при формирањето на Владата. Тоа мнозинство и сега се држи на некои 61 до 65 пратеници во зависност од нивната определба, на точката на дневен ред, но на крајот на денот тоа е добро за демократијата. Јас сум растоварен човек. Додека има мнозинство има и Влада, ако нема мнозинство, се прегрупираат политичарите во обиди да создадат ново мнозинство, ако не се оформи – избори не ни бегаат“, рече Заев.

„Она што е важно за бизнисмените и граѓаните е дека јас како мандатор и како премиер не планирам во 2018 година да има избори. Тоа е година во која треба да одработиме, граѓаните да го почувствуваат тоа, ние ветивме живот за нив. Животот се појавува насекаде, луѓето го чувствуваат тоа, слободата е насекаде, но мораме да ги подигнеме економските параметри. Тоа се и со право очекувања на сите граѓани на Македонија “, потенцираше Заев.