Заев: Нема потреба од доставување документи до грчките организации за протестите во Македонија

Премиерот Зоран Заев е дециден дека нема потреба да достават  документи до грчките организации, што сакаат да направат истраги и да бараат одговорност од грчкиот бизнисмен со руско потекло, Иван Савиди, кој ги финансирал протестите на навивачката група Комити во Македонија. Смета дека тоа се искази на лица, кои се не потврдени, а дадени во разговор во полицијата.

– Тоа се искази на луѓе кои го дадоа по нападите врз полицајците пред Собранието, како дел од навивавачката група Комити во Македонија. Зошто тоа го правеле. Јас тоа го коментирав за да испратам порака дека треба да се гради пријателство, а не да се создаваат основи за непријателство. Македонија веќе покажува пример за градење на пријателство и ние тоа ќе продолжиме да го правиме со сите земји, па така и со Руската федерација, рече Заев.

Премиерот забележа дека на сите треба да им биде јасно дека за Македонија не постои друга алтернатива освен  полноправно членство во ЕУ и НАТО.

Прашан и за набавката  на возила на лизинг за потребите на Владата, а за што претходно како опозиционер ваквите постапки ги критикуваше, Заев со став дека оваа одлука е донесена по направените студии и анализи, бидејќи на овој начин државата како што вели најрационално може да ги користи средствата за потребите на Владата и на нејзините институции.

– Сите овие автомобили трпат одредени дефекти, одредени потреби за поправка и одредени не знам какви потреби врзани со нив, што често низ годините знаат да чинат многу повеќе од самото возило. Овој лизинг ја дава предноста понудувачот буквално да ги плаќа сите тие поправки, промена на делови, ремонти, сето тоа што се случува за возилата во текот на целиот период на одржувањето на лизингот, рече Заев.

Тој потенцира дека постапката била транспарентна и е избрана најдобрата понуда, како што тоа се прави и во другите земји за опремување и обезбедување на неопходни возила за функционирање на државните институции.