(ВИДЕО)Заев: Може да излеземе како победници ако го решиме спорот

Премиерот Зоран Заев му упати пријателска провокација на грчкиот премиер Алексис Ципрас двајцата заедно со градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, да ја слават заедно Новата Година во Солун. Солунскиот градоначалник, кој нема проблем да се среќава на наш и грчки терен со функционери од Македонија, практично се стави во улога на медијатор меѓу државниот врв на едната и другата држава, иако официјално ја промовираше оценката дека со соработка на локално ниво ќе се отвори патот за решавање на спорот за името.Притоа, давајќи изјава, тој го употреби името Македонија без додавка.

“Се надевам и ќе го предложам тоа, следната средба на двајцата премиери, на Грција и на Македонија, да се случи во Солун“, рече солунскиот градоначалник, Јанис Бутарис.

Запрашан дали со оваа средба се отвора патот да се реши спорот идната 2018 година, премиерот Заев одговори дека терен за конечно решавање на името се подготвува уште од првиот момент откако беше формирана Владата, но се уште нема никакви конкретни детали.

„Досега сме на она што значи позитивни услови и расположение од сите страни“ – одговори премиерот.

Околу одлагањето на преговорите договорени од медијаторот Метју Нимиц и дали тоа е нова пречка за процесот, премиерот одговори со категорично не.

„Апсолутно не. Одлагањето е поради обврските на двете страни и нема други причини. Политичарите од двете земји имаат обврска да ги отворат перспективите за своите граѓани“, одговори Заев додавајќи дека политичарите можат да излезат и како победници ако го решат неколкудеценискиот спор со името.

„Заврши времето да се плашиме дека поради тоа ќе изгубиме гласови“, додаде Заев. Тој притоа остана на намерата преговорите да ги води заедно со опозицијата и со претседателот, а на крајот за името да се изјаснат граѓаните на референдум.

Градоначалникот на Солун нагласи дека ова не му е прва средба со Заев бидејќи еднаш го сретнал како лидер на опозицијата.

„Не би навлегувал во политичките прашања, но соработката меѓу градоначалниците како преставници на локалната власт е важна за граѓаните и за двете земји“, рече Бутарис, споменувајќи ги потоа во тој контекс проектот Дунав-Вардар и идните културни, еколошки, социолошки и економски настани што може да се случуваат меѓу нашите граѓани.Според него, желбата за соработка меѓу луѓето е силна, што гарантира дека таа ќе биде успешна и ќе овозможи да се урнат сите границите што постоеле досега. Премиерот го дополни со оценката дека дел од своите капацитети новите општински валсти ќе ги вложат во соработка со локалните власти во Грција и дека секој придонес во остварувањето на мерките за доверба е добредојден.

Бутарис во Скопје имаше средби и со претседателот Ѓорѓе Иванов, со шефот на дипломатијата Никола Димитров и со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Фото Б.Грданоски