Заев-Могерини: Македонија направи исчекори напред во евроинтегративниот процес

Македонија се врати на правиот пат кон ЕУ и направи многу исчекори напред во евроинтегративниот процес, констатирале на денешната средба премиерот Зоран Заев со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини.

На средбата, како што попладнево соопшти прес-службата на македонската Влада, поздравени се храбрите и инклузивни, лидерски политики на премиерот Заев и на Владата за успешно затворање на прашањата со соседите, реформскиот процес преку зацртаниот План 18, како и донесувањето на Законот за амнестија, што треба да го помогне процесот на помирување и да го обезбеди владеењето на правото.

На средбата е потенцирана и важноста од успешното заокружување на процесот во Парламентот на гласање на уставните амандмани и за реализација на Договорот од Преспа, како и важноста  од имплементацијата на клучните реформи, посебно во правосудството со цел отпочнување на преговорите со ЕУ во јуни 2019 година.

– За нас како Република Македонија, 2018 година беше во знакот на решавање на крупните прашања со соседите, суштински реформи во клучните области и целосно одблокирање на нашиот пат кон НАТО и ЕУ. Република Македонија искористи максимум од можностите за надоместување на изгубеното време, а Владата направи сè во нејзина моќ за да ги возобнови стабилноста, кредибилитетот и просперитетот на нашата држава. Мотивирани сме од вашата поддршка, како и досега и тоа е наш поттик, да истраеме во процесот на реализација на Договорот од Преспа и за уште посилна посветеност на имплементација на суштинските реформи, истакнал премиерот Заев.

Од Владата информираат дека премиерот Заев ѝ се заблагодари на европската претставничка Могерини и на претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск за поддршката што ја доби Македонија во 2018 година, за Стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан со којашто е дадена јасна перспектива за членство во ЕУ, за Самитот во Софија на тема ЕУ и Западен Балкан и за заклучоците на Европскиот совет во јуни 2018 година со коишто се отвора патот за почеток на преговорите за членство во јуни 2019 година.

Заев изразил надеж дека таа поддршка ќе продолжи и во 2019 година, кога уште повеќе ќе ѝ биде потребна на Македонија.

– Знаеме дека 2019 година нема да е лесна ниту за ЕУ, имајќи ја предвид состојбата со Брегзитот и европските избори во мај 2019 година, но остануваме посветени на партнерството на ЕУ и како Република Македонија и во рамки на активностите на земјите членки од Западен Балкан, истакнал Заев на работниот ручек што го организирала Могерини со лидерите на државите од Западен Балкан.

На регионалната средба на лидерите од Западен Балкан се разговарало за актуелните политички случувања во регионот, за успесите и предизвиците во 2018 година, како и за очекувањата во претстојна 2019 година. Споделени се ставови за регионалната соработка, посебно за нејзино интензивирање на економски план. Заеднички е ставот дека стабилен и економски развиен регион интегриран во ЕУ е интерес и на Балканот и на Европската Унија.