Заев и Рама во посета на Мала Преспа и Пустец

Премиерите на Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама денеска ќе ги посетат Македонците кои живеат во Мала Преспа и Пустец. Во Пустец двајцата премиери ќе остварат средба со претставници на локалната самоуправа, а ќе го посетат и училиштето и ќе донираат опрема за учениците. Владите на Република Македонија и на Република Албанија вчера во албанскиот град Подградец одржаа прва заедничка седница, на чиј дневен ред беа повеќе теми насочени кон унапредување на билатералната соработка. – Република Македонија и Република Албанија очекуваат наредната 2018 година да ги започнат преговорите за зачленување во Европската унија, да го искористат моментот на позитивна клима во регионот за напредок во тој процес, беше пораката што ја испратија Заев и Рама на заедничката прес-конференција од Подградец. Владите на двете држави, како што рече Заев, работат искрено, отчетно и транспарентно за подобрување на животот на граѓаните на двете земји и за безбедна просперитетна иднина во евроатлантското семејство. Двајцата премиери ги поздравија заедничките заложби на владите за развој на инфраструктурата во рамки на Коридорот 8, за можностите за подобро енергетско, автопатско и железничко поврзување во полза на економиите на двете земји, потоа еднопасошка контрола на граничниот премин „Ќафасан“, можностите за реализација на проектот за автопатско поврзување на Македонија и Албанија кај Дебар… Албанскиот премиер Рама рече дека оваа седница е потврда на издигнувањето на повисоко ниво на соработката меѓу двете држави, во интерес на двата народи. Премиерот Заев најави одржување меѓувладина седница наредната година во Охрид или Струга.