Заев и Бутарис вечераа во „Седум мориња“ во Солун

Премиерот Зоран Заев од вечерва е во Солун каде што со своите пријатели ќе ја пречека Новата година.
Престојуваат во хотелот “Македонија палас“, а Заев беше на вечера со градоначалникот Јанис Бутарис. На својот профил на фејсбук и твитер Заев напиша: “Солун прекрасен како и секогаш, пријателски град од соседна Грција. На заедничка вечера со градоначалникот Бутарис разговараме за нештата кои нѐ поврзуваат, во позитивна атмосфера. Му се заблагодарив на гостопримството и ги споделивме очекувањата за успешна 2018“.
Заев и Бутарис вечерале во еден од најпознатите ресторани со морски специјалитети во центарот на Солун, “Епта таласес“(Седум мориња).
Оваа посета беше најавена додека Бутарис престојуваше во Скопје во ноември. Македонскиот премиер во изјава по средбата рече дека добил покана да ги помине новогодишните празници во Солун и дека ја прифатил, што завчера беше потврдено и од владината прес служба дека тоа ќе биде приватна посета на Солун.
По повеќе од една деценија прв пат висок македонски функционер објави дека е во посета на Грција иако неофицијална. Инаку, претседателот Ѓорѓе Иванов во секоја прилика и на средби со грчки политичари, а особено со солунскиот градоначалник Бутарис изразуваше желба да добие покана да го посети Солун, но желбата не му е исполнета. (Н.В)