Заев и Борисов ја поддржаа иницијативата на МПЦ

Премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов ја поддржаа  иницијативата за приближување на двете цркви и за признавање на автокефалноста на МПЦ од БПЦ. Иако стојат на позициите за секуларност и немешање во црковните работи, сепак двајцата ги охрабрија двете цркви да ги следат политиките на  добрососедство. Во таа насока денеска бугарскиот премиер беше пречекаn во струмичкиот манастир во Водоча, епархиско седиште на Владиката Наум.
Борисов им бакна раце на дел од архиереите на МПЦ кои заедно со премиерот го пречекаа. Сепак, главната тема на средбата беше историјата, а не МПЦ.

„Нема ништо поважно од тоа меѓусебно да се разбираме. Не се оптоварувајте со историја,  живејте го животот“, порача бугарскиот премиер Борисов, одговарајќи на новинарско прашање по денешната заедничка седница на владите на Бугарија и на Македонија.Тој посочи дека имаме илјадагодишна историја и оти секој може да спори и да тврди дека е постар, но оти историчарите треба да се занимаваат со тоа. Со Заев, како што рече, сакаат да решаваат практични прашања.Според него, историчарите нека се докажуваат кој, како и од што потекнува.

„Ако разговараме така, кој  јазик каков е, а тука Каракачанов е многу подготвен, наместо да го потпишеме договорот за заедничка соработка, на крајот треба со госпоѓата (министерката за одбрана Радмила Шеќеринска) да дојдат тука со по еден тенк“, објасни Борисов.Тој потенцираше дека на првата средба со Заев му рекол дека треба да заборавиме на Голема Албанија, Голема Србија, Голема Бугарија, Голема Грција, Голема Македонија, зошто колку сме помали, толку побрзо ќе постигнеме платите и инфраструктурата да ги доближиме кон оние од Западна Европа.

– Сакаме по многу години спокојно да си го пиете кафете, во Софија или во Скопје на Вардар. И, ако тогаш се сетите на нас, добро. Ако не се сетите, пак добро, рече бугарскиот премиер.