Заев и Ахмети ги закопуваат секирите со Иванов

Пратеничката група на владејачкиот СДСМ ќе присуствува во вторник на редовното годишно обраќање на претседателот Ѓорге Иванов пред Собранието. Тој гест се толкува како обид на новата владејачка гарнитура да го замрзне судирот со шефот на државата, додека се чека Македонија да добие конечно датум за почеток на преговори со ЕУ и да го оствари членството во НАТО.
Не се исклучува можноста реферирањето на Иванов да го следат од собраниската сала и пратениците на ДУИ, иако од пратеничката група на оваа партија најавуваат дека ќе го соопштат својот став по редовната координација во понеделник.
СДСМ, додека беше опозиција, ги бојкотираше обраќањата на Иванов, откако тој беше избран вторпат за шеф на државата. Во 2014 година, социјалдемократите не учествуваа воопшто во работата на парламентот, затоа што не ги признаа претседателските и парламентарните избори што се одржаа паралелно таа година. Во 2015 година пратениците на СДСМ решија да не се појават на обраќањето на Иванов, а лани шефот на државата се обрати од својата резиденција, бидејќи не беше конституиран актуелниот парламентарен состав. Во овој период, СДСМ, како опозиција, не се согласуваше ниту Иванов да биде покровител на дијалогот меѓу партиите за надминување на политичката криза. Сега, СДСМ врти друг лист во односите со шефот на државата, кој од летоска е во кохабитација со владата на Зоран Заев.
„Пратеничката група на СДСМ ќе присуствува на седницата на која претседателот Иванов ќе го одржи своето годишно обраќање. Моментно, имајќи ги предвид сите околности околу функционирањето на Собранието, сметаме дека е во ред да го слушнеме обраќањето на претседателот за актуелните обврски на државата во надворешната политика и одбраната“, вели координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.
Според тоа, на седницата во вторник можна е апсурдна ситуација – ВМРО-ДПМНЕ, која го кандидираше два пати Иванов за претседател, да не присуствува овој пат на неговото годишно обраќање, а од дебакл да го спасуваат СДСМ и можеби ДУИ, кои не го признаваа со години. Опозициските пратеници веќе неколку седмици не учествуваат во работата на законодавни дом. Преокупирани со конгресот за избор на нов лидер, вмровските пратеници дури и не се во тек дека Иванов ќе реферира пред пратениците следната седмица.
Иако и од врвот на ДУИ стигнуваат тонови што укажуваат на одредено затоплување на односите со Иванов, присуството на пратеничката група на собраниската седница во вторник е неизвесно засега.
„Во понеделник имаме закажано координација и тогаш ќе изградиме став и околу тоа дали ќе присуствуваме на годишното обраќање на Иванов“, вели координаторот на ДУИ, Ејуп Халими.
Конфликтот меѓу ДУИ и Иванов предизвика и реални последици за партијата во изминатите три години. Интегративците не го признаа легитимитетот на Иванов, откако во 2014 година не беше прифатена идејата на Али Ахмети – тогашната владејачка коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ да настапи на изборите со т.н. консензуален претседателски кандидат. Потоа, ДУИ остана без свои претставници во Советот за безбедност, а беше замрзнато и именувањето на нови амбасадори на предлог на оваа партија. Затоа за многумина е изненадување завчерашниот настап на Ахмети во емисија на ТВ 21, каде што тој, зборувајќи за Иванов, го нарече во неколку наврати претседател.
Вицепремиерот Бујар Османи, пак, гостувајќи во емисија на ТВ „Алсат“ посочи дека приоритетна цел за Македонија до јуни следната година е да добие позитивен извештај од Европската комисија, вклучително со датум за почеток на преговорите. За таа цел, како што рече, во наредните месеци треба да се стави мораториум на сите отворени прашања меѓу политичките фактори во Македонија, вклучително со шефот на државата, и за нив да се разговара откако ЕК ќе го објави едно и полугодишниот извештај за Македонија, кон средината на следната година.
Османи изјави вчера, на работилница во Струга, дека следната 2018 е година во која ќе се носат клучни одлуки во однос на европските интеграции на Македонија.
„Доколку успешно ги адресираме предвидените реформи, но и согласно успешноста во адресирањето на отворените политички прашања, постои сериозна можност уште во 2018 година да ги започнеме преговорите за полноправно членство во Европската унија“, изјави Османи.

Александра М. Митевска