Заев за „Независен“: Ќе пресудат тие што ќе гласаат

Успехот на референдумот, според премиерот Зоран Заев, ќе биде силен и јасен сигнал за сите политички фактори во земјата. Успешниот референдум, вели, ќе биде пресуден и за однесувањето на пратениците во Собранието, кои при одлучувањето за уставните измени ќе се соочат со волјата на граѓаните.  Во интеврју за „Независен весник“, Заев нагласува дека клучната политичка одлука што може да се донесе од сите членови на парламентот, и од сите парламентарни групи е да се прифати и да се испочитува одлуката на мнозинството граѓани искажана на референдумот.

Со оглед на тоа што претстојниот референдум е распишан како консултативен, сè уште има недоумици околу тоа кои услови треба да се исполнат за процесот да може да се смета за успешен?
– Јас верувам дека ќе имаме успешен референдумот. Јас верувам дека големо мнозинство од граѓаните ја делат истата визијата за нашата земја како држава во која просперитетот, безбедноста и еднаквите шанси им се достапни на сите. Тоа е визијата за европска Македонија. Успешен консултативен референдум значи дека огромно мнозинство од граѓаните што ќе излезат на гласачките места ќе изберат „за“.
По референдумот, пратениците во Собранието треба да ја почитуваат одлуката на мнозинството од граѓаните што гласале.
Затоа, секој граѓанин треба да излезе, да гласа и со тоа да одлучува за иднината на Македонија. Само тие што ќе излезат да гласаат имаат можност да одлучуваат. Нивниот глас ќе се слуша. Блиску сме до остварување на сонот. Ни остана само уште последната делница од патот. Уште едно патување со дестинација во иднината со Република Македонија како земја членка на НАТО и ЕУ. Некои велат – можеме да почекаме. Можеме да се приклучиме подоцна. Но тоа не е точно – во блиска иднина нема повторно да ја добиеме оваа шанса. Ова е шанса еднаш засекогаш. Затоа верувам во успехот на референдумот, а единствениот услов што треба да се исполни е да се излезе и да се даде гласот.
Имате ли план „Б“ во случај на скромен одѕив на референдумот?
– Нашиот план „Б“ е успешен план „А“. Сега треба да се размислува исклучиво на позитивен исход од референдумот. Македонија е пред историска одлука за својата европска иднина. Таму треба да е севкупниот фокус на сите политички фактори и на граѓаните. Граѓаните препознаваат дека е многу јасен изборот: Тоа е избор за семејство на ЕУ и НАТО или избор за изолација и целосна неизвесност. За сигурност и безбедноста, или избор за немир и нестабилност. Граѓаните се пред избор за раст на економијата или за стагнација. Тоа е избор за исполнување на нашиот сон од иднината – иднината за нашите деца, внуци и за сите идни генерации. За овој избор одлучуваат граѓаните што ќе излезат на гласачките места. Пред овој избор не се седи дома зашто иднината им припаѓа на сите и сите имаат одговорност да го дадат својот глас за неа.
Беше ли неопходна толкава дипломатска офанзива во земјава за време на референдумската кампања за граѓаните да почнат да ги препознаваат придобивките од договорот со Грција?
– Светот ѝ даде огромна поддршка на Македонија, но на 30 септември не гласа светот туку граѓаните на нашата земја. Ние, како земја, како граѓани, сите без исклучок, сме исправени пред одлука за која треба одговорност зашто изборот е многу јасен: светла иднина со сите можности што ги нуди членството во најмоќната безбедносна и воена алијанса каква што е НАТО, и членство во најмоќната економска заедница на светот, Европската Унија. Нашите пријатели и партнери во НАТО и во ЕУ имаат јасна и искрена желба да ја видат нашата земја како рамноправен партнер во овие сојузи. Оттаму, нивната силна поддршка е всушност само нагласен континуитет на заемниот пристап дека оваа можност не смее да се пропушти. Се работи за политичка одлука, врз основа на темелни искуствени проценки, дека ова е историска шанса. Сите парчиња од тоа што Македонија беше непозната сложувалка, мозаик, сега се тука – 30 септември е денот кога ќе се оствари заемната заложба. Затоа нашите пријатели ни ја дадоа целата искрена поддршка. Нашите пријатели дојдоа и за да ни потврдат дека ни го признаваат идентитетот и државноста македонска – тоа е почит кон сите граѓани на нашата земја.
Дали имавте комуникација со опозицијата околу уставните измени? Очекувате ли поддршка од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на тоа што постојано ве повикуваат да кажете што сте договарале со грчкиот премиер Ципрас?
– Да не се повторувам, но еве: уставните измени ќе ги носи Собранието, низ дискусија и низ јавна и транспарентна постапка, откако за тоа ќе стигне одобрувањето на граѓаните со резултатот од референдумот. Успехот на референдумот ќе биде силен и јасен сигнал за сите политички фактори во земјата. Ќе биде пресуден и за однесувањето на пратениците во Собранието. Тие ќе се соочат со волјата на граѓаните. Со кои аргументи ќе излезат пред граѓаните, ако пред нивната волја што ќе дојде како исход од референдумот ги стават партиските интереси? Тоа е тој момент кога ќе треба да се соочат со таа силно изразена, историски предодредена одлука на граѓаните, дека тие ја гледаат својата земја во ЕУ и во НАТО. Клучната политичка одлука која во тој момент може да се донесе од сите членови на парламентот и од сите парламентарни групи е да се прифати и да се испочитува одлуката на мнозинството граѓани искажана на референдумот.
Поради отпорот од опозицијата, која веројатно ќе се обиде да ги искористи своите „пет минути“ кога од неа ќе се бара поддршка за уставните измени, колкави се шансите Македонија во јануари да ги заврши сите свои обврски околу договорот од Преспа?
– Клучната политичка одлука, која во тој момент може да се донесе од сите членови на парламентот и од сите парламентарни групи, е да се прифати и да се испочитува одлуката на мнозинството граѓани искажана на референдумот.
Кога ќе се соочи со резултатот од референдумот, јас сум убеден дека опозицијата ќе сфати дека поддршка за уставните измени не ја бара Зоран Заев или СДСМ, туку ја бараат – граѓаните.
Убеден сум дека во редовите на опозицијата има рационални, разумни поединци, особено меѓу нивните членови на Собранието, и дека тие ќе ја прифатат одлуката што ќе произлезе од референдумското гласање.
Очекувањата се дека договорот, сепак, ќе биде ратификуван во парламентот во Атина. Како потоа ќе се одвива процесот за полноправно членство на Македонија во НАТО?
– Процесот за нашето полноправно членство во НАТО е веќе започнат. Добиваме покана за членство во НАТО. Она што не го добивме во 2008 година, го добивме сега, како резултат на големиот успех на граѓаните на Македонија.
Исходот на референдумот ќе му даде импулс на Собранието до крајот на декември оваа година, со двотретинско мнозинство, да ги усвои уставните промени предвидени со договорот. Веднаш, наредниот месец, во јануари 2019 година ќе почне процесот на ратификацијата на Протоколот за членство на Македонија во националните парламенти на 29 земји членки на НАТО.
Грција ќе биде првата земја членка која ќе го ратификува Протоколот за членство, заедно со договорот. Со пристапниот протокол нашата земја се стекнува со право да учествува во сите структури на НАТО и добиваме столче на главната маса на Северноатлантскиот совет. Ќе седиме до Норвешка. Ратификацијата на договорот за пристапување во парламентите на сите земји членки на НАТО трае една до една и пол година.
Дали успешниот референдум и уставните измени ќе значат гаранција дека Македонија в година ќе добие датум за брз почеток на преговорите со ЕУ?
– Нашата земја доби датум за преговори и тие ќе започнат во јуни 2019 година. Скрининг-процесот е веќе започнат. Стручните лица на Министерството за правда заминаа во Брисел на консултативен состанок за поглавјето 23 – правосудство и фундаментални права
Започнувањето на преговорите за членство во ЕУ ќе го зајакне процесот на домашни реформи. Остануваме посветени на зајакнување на владеењето на правото и зголемувањето на животниот стандард, а членството во НАТО и преговорите за членство во ЕУ ќе ни дадат дополнителна енергија и поддршка за тие реформи. Државата ќе зајакне. Институциите ќе бидат посилни.
Хрватска, како пример: оваа земја, во 2013 година, со силна и посветена поддршкана земјите членки на ЕУ и НАТО во процесот кога ги отвори преговарачките поглавја, успеа за само 5 години да го заврши процесот и да стане членка на ЕУ. Зошто ние не би можеле да го повториме тоа, ако не за пет, тогаш за седум години?
Тесната, би рекол партнерска соработка со луѓето од Европската комисија, во нашиот случај е привилегија која ни е посветена заради исклучителната храброст и енергија со која ги реализиравме досегашните реформи и заради вредностите што ги покажавме во постигнувањето на договорот со Грција.
Што по референдумот и по уставните измени? Планирате ли некакви промени во функционирањето или во кадровскиот состав на извршната власт, со оглед на тоа што дотогаш ќе прокнижите околу една и пол година од преземањето на власта, а претстојат и претседателските избори напролет?
– Референдумот е можност, шанса за една нова реалност во нашата земја. Гласот на граѓаните ќе ја одреди насоката по која ќе тргне Македонија. Одлучуваат тие што ќе гласаат. Ако мнозинството гласови бидат „за“, ние трајно го трасираме нашиот пат кон НАТО и ЕУ. Тоа отвора нова политичка перспектива и политички амбиент во кој ќе доминираат придобивките од скорешното членство во НАТО и ЕУ како резултат на референдумското изјаснување на граѓаните. Тоа најавува потреба од уште пофокусирана и посилна реформска агенда за која очекувам подготвеност и посветеност од сите политички и експертски сили во земјата.

СЕ ШИРАТ ЛАЖНИ ВЕСТИ ЗА ПРЕАМБУЛАТА 

Колкав ќе биде опфатот на уставните измени што престојат по референдумот? Колку амандмани ќе треба да се поднесат и колку уставни членови ќе треба да се менуваат?
– Сакам прво да нагласам дека уставите амандмани не се напишани ниту преговарани, нив ќе ги дефинира Собранието со двотретинско мнозинство по одлуката на граѓаните на референдумот. По позитивниот исход на референдумот, промените во Уставот ќе бидат во согласност со духот и одредбите на договорот меѓу Македонија и Грција.
Промените, односно амандманите, ќе се однесуваат на додавање на географска одредница на името (Република Северна Македонија), без да има потреба од интервенција во сите членови каде што се спомнува името на државата. Другите промени ќе се однесуваат на границите за да се потврди дека се гарантира неменливост на границите. Третата промена ќе се однесува на грижа за целата наша дијаспора во светот, во согласност со меѓународните конвенции за ова прашање. Четвртата промена се однесува на преамбулата на Уставот без да се менува државно правниот наратив за државноста од Илинденското востание и заседанието на АСНОМ, до референдумот за независност од 8 септември 1991 година, туку ќе се наведат поединечно сите одлуки на АСНОМ. Морам тука да истакнам дека се апсолутни дезинформации тврдењата дека АСНОМ или македонскиот народ наводно ќе биле избришани од преамбулата. Тоа е лажна вест.
Македонскиот народ ќе биде во преамбулата затоа што тоа е во духот на договорот со Грција, како фер и праведно решение, засновано на факти.
Имаме потврден македонски јазик, потврден македонски идентитет, ние сме Македонки, Македонци. Отсекогаш сме биле и секогаш ќе останеме.
Ќе има ли во преамбулата промени во статусот на етничките заедници, со оглед на шпекулациите во јавноста дека ќе се оди на формулација со која ќе се изедначи македонскиот и албанскиот народ?
– Во јавноста има многу шпекулации и дезинформации. И оваа спаѓа во тој пакет и нивната цел е, како што реков претходно, да се дефокусира вниманието на граѓаните од вистинските вредности што ги носи договорот и референдумот кој треба да ги потврди овие вредности за иднината на нашите граѓани.

Александра М. Митевска