Заев жали што Алијансата е надвор од владата

Премиерот Зоран Заев изјави денес во Собранието дека останува можноста за соработка со сите партии, и тие кои беа досега дел од владиното мнозинство, но и со партиите од опозицијата.

Посочи дека останува можноста за отворени врати на соработка заради тоа што, како што рече, прво треба да се соработува во интерес на граѓаните, со надеж дека многу брзо и политички ќе продолжи соработката меѓу политичките партии кои досега ја составуваа Владата и беа дел од парламентарното мнозинство.
Тој повтори дека предуслов за избор на новиот министер за здравство бил личноста на кандидатот, поради што не ги прифатиле предлозите на Алијансата за Албанците. Тој потсети дека Арбен Таравари бил решение за кое сите биле согласни, но за жал мораше да ја напушти министерската фотелја.

-За избор на министер за здравство, првиот услов беше личноста на кандидатот. Жалам што од Алијансата за Албанците не се прифати местото потпретседател за реформи. Потрошив повеќе од месец и половина за да изнајдам решение оваа коалиција да продолжи, рече премиерот Заев.