Заев до Мицкоски: Доволно ти попуштив

Референдумот за договорот со Грција околу името ќе биде распишан в понеделник. На истата седница треба да биде определена и содржината на прашањето. Првичната идеја седницата на Собранието и гласањето да бидат денеска пропадна поради обврски на членови на парламентарното мнозинство, како и за да се остави простор за договор меѓу политичките субјекти. За време на викендов не се очекува средба меѓу двајцата најмоќни политичари во земјава, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, но нивните тимови се во секојдневна комуникација, па не се исклучува можноста ВМРО-ДПМНЕ активно да се вклучи во референдумското изјаснување.
Според информациите до кои дојде „Независен весник“, најблиските соработници на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ во четвртокот вечерта биле на телефонска линија и ги координирале пораките меѓу нивните шефови. Заев му порачал на Мицкоски дека доволно попуштил во претходниот дел од преговорите и оти сега веќе нема каде да се оди.
„Премиерот попушти и за изборот на Државната изборна комисија, за влада според пржинскиот модел, како и за Законот за финансирање партии, за кој нè молеа да го изгласаме затоа што се наоѓале во незавидна финансиска ситуација. Од Мицкоски се бараше само едно: да излезе јавно и на своите симпатизери и поддржувачи да им каже да излезат на референдумот и да гласаат, макар и против договорот со Грција. Тој не го направи тоа, сакајќи да го протне амнестирањето на своите претходници. Сега се откажа од тоа, но уценува со формулација на прашањето. Јасно му порачавме: ако опозицијата активно се вклучи, тогаш може да се направи единствено отстапка околу тоа дали резултатот ќе биде обврзувачки или консултативен, но прашањето на референдумот ќе биде тоа што го најавивме претходно: ‘Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција’. Причината е многу јасна: не може договорот за името да се исклучи од ЕУ и НАТО, затоа што договорот е направен за да се влезе во ЕУ и во НАТО. Едната работа не може без другата“, велат владини функционери за „Независен весник“.
Според нив, опозицијата побарала тајм-аут да размисли, веројатно поради тоа што е притисната од сите страни. Меѓународните партнери инсистираат никако да не го бојкотираат плебисцитот, а и ситуацијата е јасна: не е можен влез ниту во НАТО, ниту во ЕУ без договорот да биде ратификуван од двете страни.
„Лидерска средба за време на викендов не е можна, бидејќи Мицкоски е во Охрид, а Заев во Струмица. Но, нивните тимови продолжуваат да контактираат, се надеваме на договор. Доколку не, ќе одиме на референдум и без нив. Но, во тој случај, треба да се види што ќе се прави со резултатите, оти може да нема 900.000 што ќе излезат да гласаат, но што ако имаме 600-700.000 што ќе гласаат за договорот? Тоа е повеќе од половина од бројот граѓани што вообичаено гласаат на избори кај нас. Да не ја почитуваме нивната волја?“ велат од „Илинденска“.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, вчера изјави дека „доколку на референдумот се донесе одлука – таа е обврзувачка за институциите, но доколку не се донесе одлука – институциите имаат обврска да го кажат своето мислење“.
„Нашата цел е да го исполниме она што е ветено, да им дадеме шанса на граѓаните да го кажат своето мислење за ЕУ, за НАТО и за патот преку кој ќе стигнеме до тоа членство. Ги поттикнуваме граѓаните најотворено да го кажат својот став. Ако некој е убеден како што ние сме убедени дека огромно мнозинство граѓани посакуваат земјава да се нормализира, да се стабилизира, да се стави на тој пат, ќе излезат и ќе го дадат својот глас. Оние што сметаат дека тоа не е добро, исто така, може да излезат и да го дадат својот глас. Таа одлука ја оставаме на граѓаните и ги повикуваме да го дадат своето мислење“, порача Шекеринска.
Во врска со тоа дали е планирана уште една лидерска средба која би била посветена на референдумското прашање, Шекеринска истакна оти досега покажале голема трпеливост за дискусија, со цел да се усогласат ставовите.
„Како прашање е ставен договорот со Грција, како прашање е ставено нашето членство во ЕУ и во НАТО. Секој што ги двои овие две теми лаже и ја манипулира јавноста“, рече министерката.

Горан Адамовски