Заев го откажа учеството на Форумот во Белград поради уставните измени

Премиерот Зоран Заев, иако беше најавен како говорник на последниот панел од Белградскиот безбедносен форум, заедно со српската премиерка, Ана Брнабиќ, сепак, нема да присуствува. Организаторите на настанот за „Макфакс“ потврдија дека премиерот во последен момент го откажал учевството на сесијата в петок.

Од Владата за „Макфакс“ велат дека причината за откажаното учество на Форумот е актуелната политичка состојба во државата.

„Во агендата на ПВРМ беше предвидено негово учество на финалниот панел на безбедносниот самит во Белград, но премиерот Заев го откажа учеството поради актуелната политичка состојба во земјата, односно важноста на постапката за почнување на уставните промени во Собранието на РМ“, велат од Владата.

Самитот во Белград се одржува осма година по ред. Годинава почна на 17 октомври и ќе трае 3 дена. Утре е предвидено да говорат српскиот претседател, Александар Вучиќ, и австрискиот претседател, а в петок српската премиерка, Брнабиќ.