Заев: Голема поддршка е што Словенија е точка за контакт со НАТО во фаза на ратификација на Протоколот

Амбасадата на Република Словенија е именувана од страна на НАТО за точка за контакт во претстојниот финален процес на зачленувањето на Република Македонија во Алијансата, во периодот кога земјите-членки на НАТО ќе ја започнат постапката за ратификација на Протоколот за пристапување на нашата земја во сојузот, истакна денеска премиерот Зоран Заев на средба со словенечкиот министер за одбрана Карл Ерјавец.

Заев денеска на прими словенечката делегација, предводена од Ерјавец, а на средбата присуствуваа и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, како и други членови на Кабинетот.

-Ова е особено радосна вест за нашата земја бидејќи покрај нас, во фазата кога земјите членки на НАТО ќе пристапат кон потпишување на протоколот на пристапување на Република Македонија во Алијансата, покрај нас ќе имаме докажан пријател и партнер. Република Македонија и Република Словенија има традиционално одлични односи, со постојана взаемна поддршка и соработка. Словенија таа своја определба ја докажа и со поддршката за нашата земја, за нашите аспирации за членство во ЕУ и НАТО и за време на целиот тој процес ни ја даваше и ни дава безрезервна поддршка, истакна Заев.

Тој потоа го запозна словенечкиот министер за одбрана Ерјавец, како и другите членови на неговата делегација, за актуелната ситуација со спроведувањето на Договорот од Преспа во Република Македонија и во Грција и нагласи дека очекува успешна завршница во грчкиот Парламент, по што ќе следува постапката за прием на нашата земја во НАТО, како и создавање на поволен амбиент за потврдување на договорениот старт на преговорите со ЕУ со отворање на првите поглавја во јули оваа година.

Заев и Ерјавец се согласија дека двете земји остануваат посветени на проширување и продлабочување на билатералните односи кои бележат постојан раст и дека односите ќе добијат дополнителен поттик со членството на Македонија во НАТО, што ќе произлезе и од консолидирањето и интензивирањето на политичките реформи, како основа и за економскиот раст на Република Македонија.