Заев: Веројатно ќе има смена на министри

Реконструкција на владата нема да има, но веројатно ќе има смена на министри, потврди премиерот Зоран Заев. Тој рече дека одговорност ќе мораат да понесат сите оние што не ги исполнуваат задачите, но и што не доаѓаат на работните места, а земаат плата.

„Не размислуваме за реконструкција при вакви сериозни парламентарни процеси. Секако, ако некој министер не доаѓа на Влада – логично е дека владата треба да седне да размисли тоа да се промени. Разговараме со коалиционите партнери кои споделиле одговорност со нас во делот на другите ресори ако се случат такви потреби, па ако некаде немаме ефекти, знаеме како. Нереализацијата на капиталните инвестиции има два чекори. Првиот е да ги одземеме парите и да ги насочиме на друго место. Тоа го направивме, ги насочивме кон општините, барем да го дигнеме капацитетот на локалната самоуправа. Вториот чекор е политичката одговорност. Разбирам, службите имаат страв од потпишување, има нерешени имотно-правни односи, има проекти коишто не се дозавршени, но ниту јас ниту граѓаните ќе имаат разбирање за нас ако не ги реализираме плановите од буџетот, посебно капиталниот развој на Република Македонија, затоа што сите сме времено овде, мораме да носиме одговорност, а таа одговорност ќе биде толерирана од страна на граѓаните само ако дефинира успешност“, рече Заев.

Деновиве во јавноста повторно беше актуелизирана проблемот со вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Хазби Лика, кој со месеци не доаѓа на „Илинденска“ поради кавга со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Претседателот на владата предпладнево беше во посета на Прифатниот центар за бездомници во Визбегово. (А.С.)