Завршни зборови за нападот врз Села

Обвинителството за организиран криминал и корупција и одбраната на обвинетите денеска треба да ги дадат своите завршни зборови за случајот со нападот врз пратеникот Зијадин Села кој што се случи на 27 април минатата година.

На минатото рочиште обвинителот во овој случај, Дарко Јакимовски им го предаде изменетото обвинение на судот и на одбраната, која треба да ги прилагоди завршните зборови на измените.

Со измените, за кои клучна беше новата снимка што како доказ ја презентираше Обвинителството, Сашо Сенков е ослободен од обвинение, а за двајца обвинети, Цејо Ѓорѓиевски и Стојан Павлевски делото обид за убиство е преквалификувано во полесно дело, насилство.

За останатите седумина обвинети останува истото кривично дело обид за убиство. Откако обвинителот ги презентираше измените на обвинението на еден од обвинетите, Александар Јаневски – Тошта за кого остана истото дело, му се слоши и заврши на реанимација на Клиниката за кардиологија.
Поради неговата здравствена состојба Судот му ја замени мерката притвор со куќен притвор.(Ф.Ф.С.)