Заврши рокот за аплицирање за студентски кревет

Заврши рокот за доставување на документи за студентите од втора, трета и четврта година кои конкурираа за студентско легло во државните студентски домови. За академската 2018/2019 година во 13-те студентски домови се предвидени вкупно 5.496 легла.
„Кандидатите нема да бидат рангирани ако доставената документација е некомплетна и ненавремено доставена. Кандидатите нема да бидат рангирани на конечниот список за прием ако комисијата утврди дека податоците кои се внесени во електронската пријава не се идентични со податоците од доставената документација“, стои во конкурсот.
Конечниот список за прием на студентите од втора година и повисоките години ќе биде објавен на 31 август на огласните табли во студентските домови каде што конкурирал студентот и на интернет порталот www.konkursi.mon.gov.mk. Незадоволните од резултатите можат да поднесат приговор, кој можат да го  достават до архивата на Министерството.
Рокот за електронското пријавување на студентите од прва  година е од  7 до 14 септември. Конечниот список за прием на студенти од прва година ќе биде објавен на први октомври. Најмногу слободни легла се предвидени во студентскиот дом „Стив Наумов“, потоа во „Пелагонија“, па „Гоце Делчев“ каде што сместувањето ќе се врши само во реновираните блокови А и Б.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми неодамна изјави дека во текот на септември годинава очекува да завршат активностите за реконструкција на блоковите В и Г во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, за што се инвестираат 162 милиони денари. За август најави и отпочнување постапка за набавка на нов мебел во 18 ученички домови во земјата, за што се издвоени 50 милиони денари.
Од Министерството за „Независен весник“  рекоа дека испратиле известување до сите државни универзитети, вработените на студентски прашања да не одат на колективен одмор, со цел да има кој да им ги даде на студентите потребните документи за аплицирање за легло во студентските домови.
Најмногу односно 40 отсто  од вкупниот број расположливи места во домовите се предвидени за студенти за кои вкупните приходи во семејството се до нето минималната плата утврдена во Македонија, и тоа: деца без родители и родителска грижа, деца со посебни потреби, деца на корисници на социјална парична помош и постојана парична помош, деца на самохран родител, деца на невработени родители и деца на корисници на надоместок по основ на престанок на работен однос од деловни причини. За студентите што постигнале особено висок успех во учењето се предвидени 25 отсто од леглата, 35 отсто се за редовните студенти запишани на прв циклус на јавните и приватните универзитети, додека  20 отсто се обезбедуваат за студенти што за првпат ќе бидат запишани на факултет.
Право на прием имаат редовни студенти кои се државјани на Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, запишани на додипломски студии со траење до над осум семестри, а кои не повторувале студиска година. Немаат право на прием студентите кои го нарушиле куќниот ред во домот и за што им е изречена воспитна мерка забрана за користење на услугите на домот, запишаните по вторпат како апсолвенти, како и оние што не ги намириле обврските за сместување кон домовите повеќе од еден месец.
(В.Л.М.)