Заврши распитот на Џафери и на Мисовски

На денешниот распит во јавното обвинителство, првиот парламентарец Талат Џафери и потпретседателот на парламентот Горан Мисовски се изјасниле дека изборот на претседател на парламентот на 27 април 2017 година бил легален и легитимен.
Џафери и Мисовски се меѓу шеесетина пратеници од мнозинството против кои е поднесена пријава за велепредавство. Тие беа денеска во обвинителството за да дадат исказ за пријавата што ја поднесе граѓанско здружение од Битола, под сомневање дека изборот на Џафери за претседател на парламентот е незаконски.
Во обвинителството денеска исказ давал и пратеникот Ферид Мухиќ, кој како втор парламентарец според возраста го презема претседателствувањето со конститутивната седница вечерта кога насилниците влегоа во Собранието. Мухиќ потоа ги овласти за негови заменици Мисовски од НСДП и Џевад Адеми од ДУИ. Претседателствувањето на седницата потоа го презема Мисовски, кој и ги повика пратениците да гласаат за предлогот за избор на Џафери за спикер.
Мисовски ни изјави дека пред обвинителот посочил дека изборот на Џафери бил спроведен согласно со Уставот и Деловникот и дека тој е легитимен и легален претседател на парламентот, избран со 61 глас.
Џафери, пак, не сакаше да изнесува детали околу неговиот исказ во јавното обвинителство. Единствено рече дека го повикале да даде исказ и тој ја исполнил својата должност како и секој граѓанин.