Заврши распитот на Камчев, одлука за притвор по распитот на сите осомничени

Доцна вечерва заврши распитот на бизнисменот Орце Камчев пред судија на претходна постапка. Освен Камчев распитот заврши и за осомничениот Ненад Јосифовиќ, а во текот на ноќва на распит се и осомничените Зорица Арсовска, Цветан Панделески и Тодор Мирчевски кои СЈО кривично ги гони во предметот со кодно име „Империја“.

Откако ќе заврши распитот на овие петминаосомничени судијката на претходна постапка Весна Димишкова треба да го изготви решението односно да одлучи дали ќе им одреди притвор на Камчев и неговите бизнис соработници осомничени во овој случај за кои се бараат мерки за обезбедување.

Камчев беше донесен последен во судот на распит со возило и внесен директно во гаражата на судот, со што воопшто не се појави пред јавноста, но си замина прв од суд.

Специјалното јавно обвинителствот отвори истрага под кодно име „Империја“ против 13 лица, бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Куноска Камчева и сестра Христина Камчева Стојческа, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

Сите се сомничат за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело направени преку фирмите кои ги поседуваат.