Заварувачи, стаклари, бравари, пекари…нема ни за лек

Недостигот од стручни и квалификувани работници на пазарот на труд во земјава е сигнал кој прво го почувствуваа работодавачите, пред сѐ занаетчиите, ама и стопанството во земјава. На пазарот има потреба за сите занаетчиски занимања, како заварувач, бравар, инсталатер на соларни панели, пекар, слаткар… Од градежниот сектор, има дефицит од ѕидари, кровни покривачи, произведувачи на столарија.

Од Занаетчиската комора – Скопје велат дека нивните членови постојано се жалат на недостиг од стручен кадар. Често им се случува, посочуваат, да примат работник, да го дообучат, ама откако ќе се стекне со искуство, им заминува или во друг бизнис или во странство.

„Од средните стручни училишта излегува нестручен кадар. Голем дел од младите избираат гимназиското образование за потоа да продолжат на високо образование. Работодавачите пуштаат огласи преку Агенцијата за вработување, на социјалните мрежи, на своите интернет-страници. Меѓутоа, и покрај сите напори, се судираат со проблемот од недостиг на квалитетна работна сила. Ќе примат работник што не е целосно квалификуван за струката, го дообучуваат, со сопствени средства вложуваат во него, на крај кога ќе го примат, а тој ќе се стекне со искуство, си заминува од работното место или во странство или во друг бизнис“, вели Анета Атанасовска од Занаетчиската комора – Скопје.

Од Комората додаваат дека прво треба да се подобри имиџот на занаетчиството со зголемување на запишување децата во средните стручни училишта наспроти гимназиското образование, затоа што со средното стручно образование добиваат компетенции веднаш да се вклучат на пазарот на труд по завршувањето.

„Сликата за занаетчиството прво треба да се подобри во очите на родителите кои преку разговорите со своите децата ги насочуваат да одат во гимназиско образование наспроти стручното. Меѓутоа, стручното образование има свои квалитети и добри страни, затоа што со тоа образование се стекнуваат компетенции за вработување по завршување на средното образование и добра позиција во општеството понатаму како занаетчии. Сите заеднички треба да вложиме да ја подобриме сликата за занаетчиството и во очите на младите, да не ни се случи да наидеме на уште поголем проблем, со кој веќе државата се соочува – со дефицитите на работна сила во струките што се двигател на стопанството“, објасни Атанасовска.

Директорот на средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“, Ефтим Пејовски, рече дека почнуваат да го надминуваат проблемот што го имале со слабиот интерес на полуматурантите за упис во тригодишното образование, затоа за него изготвиле активности.

„Ние, воочувајќи дека на пазарот недостигаат кадри од електротехничка струка, барајќи решение како да одговориме на тој предизвик, го најдовме одговорот во правец на поврзување на нашето училиште со стопанството. Тоа е тој пат кој по мое длабоко уверување ќе даде многу резултат за потребите на пазарот на труд, затоа што она што ние го промовираме е модел на дуално образование кој нуди производство на кадри способни веднаш по завршувањето да влезат во производствениот процес на фирмата“, вели Пејовски.

Од учебната 2018/2019 година осумдесет ученици од електротехничкото ќе учат по наставна програма која ќе биде приспособена за потребите на еминентни компании во земјава. По завршувањето, младите ќе имаат загарантирано вработување во „Ванхол“, „Арчерол“, „Митал“, „Макстил“, Цементарница УСЈЕ, „Раде Кончар“ и „Виталија“.

Претставниците на компаниите при потпишувањето на меморандумот за соработка со училиштето истакнаа дека во Македонија тешко се доаѓа до кадри од областите како што се техничките науки.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска, пак, најави реформи во наставните програми за средните стручни училишта приспособени според потребите на стопанството. Апелираше што повеќе ученици да ја препознаат предноста од избор на стручно образование, кое пред сѐ овозможува да се стекнат со занает, но и проодност понатаму во високообразовните установи.

Процесот на осовременување на учебниците и наставните програми веќе е отпочнат во Педагошката служба.

 

Вероника Мароска-Леова