Жените се „разведоа“ од Мицкоски

Разрешувања, исклучувања, писма со жестоки обвинувања и директни навреди. „Славата“ на вмровските „витези“ од нивната неколкунеделна „битка до истребување“ вчера им ја украдоа пратеничките Даниела Рангелова, Лилјана Затуроска и Лилјана Кузмановска, кои самоиницијативно му кажаа „адио“ на лидерот Христијан Мицкоски, обезглавувајќи ја Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ со која досега раководеа.

Најпрвин Рангелова објави дека поднесува оставка на позицијата претседател на Унијата на жени со што автоматски и прекинува и членството во извршниот комитет на партијата (според Статутот во случај кога се повлекува првиот човек, практично, целиот ИК на Унијата е во оставка).

Неколку часа подоцна од местото генерален секретар се повлече Лилјана Затуроска која, како што ни изјави, чувствувала обврска да ги следи нејзините потези. На крајот, се повлече и потпретседателката Лилјана Кузмановска. Трите, како што ни потврдија, остануваат во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која остана и без координатор откако вчера Драган Данев соопшти дека ја напушта оваа функција.

Понудата да остане до крајот на мандатот од Мицкоски, Рангелова, која е една од најекспонираните и најактивни пратенички, не ја прифатила бидејќи, како што самата вели, не сакала да биде дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ за кое смета дека ја одвело партијата во изолација.

„Со политиките базирани на неискреност, сплеткарење и продуцирање кавги помеѓу нас внатре во партијата, успеа по принципот раздели па владеј, дополнително да го подели националното ткиво и да внесе неприфатливо ниво на омраза меѓу Македонците, но и помеѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ“, ги објасни причините за повлекувањето Рангелова на својот фејсбук-профил.

 

Во изјава за „Независен“, Рангелова нагласува дека останува во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и дека нема да даде поддршка за уставните измени во Собранието, откако беше дел од неколкуте партиски функционери кои излегоа на референдумот и гласаа против, по што, како што самата рече, биле изложени на невиден притисок, омаловажувања, понижувања и закани по живот. Тоа беше јасен сигнал дека таа не е на линија на раководството кое јавно остави простор секој да се изјасни според сопственото убедување, но зад сцената се покажа дека работело за бојкот.

„Реков дека ќе излезам на референдумот и дека нема да гласам за уставните измени ако не биде постигнат цензусот. Мојата оставка од партиските функции е исклучиво поради несогласувањата со актуелните политики на партиското раководство“, вели Рангелова, која додава дека не сака повеќе да биде дел од расипани токсични игри водени од амбиција да се нахранат неколку суети. Да се има амбиција е позитивно, додава Рангелова, но да бидеш спремен да газиш преку живи луѓе само да го задоволиш сопственото его и желбата за моќ, според неа, е недозволено. Ваков развој на настаните таа, практично, најави пред три недели во интервју за „Призма“, каде што нагласи: „изолирана партија е партија без иднина“.

Рангелова, чиј глас го слушнавме деновиве од необјавените бомби за случајот „Талир“, каде што му вели на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески: „Ќе ѝ ја е.. мајката“ на некоја вработена зашто не гласала на избори, е една од обвинетите во случајот за насилството во Општина Центар за време на протестите во јуни 2013 година.

Токму таа година Рангелова ја презеде Унијата на жени која според оценките на нејзините сопартијци е добро организирана партиска структура која солидно работи на терен. Во тој период станува и член на извршниот комитет на партијата. Релативно брзиот напредок во политичката кариера – од советничко место во Општина Центар, до пратеник во два мандата (на изборите 2014 и 2016) и позиција во највисоките партиски структури, е поврзан за претходното раководство предводено од експремиерот Никола Груевски и неговиот братучед Сашо Мијалков, кој деновиве беше исклучен од партијата.

Потресите во најголемата опозициска партија, очигледно, продолжуваат речиси со ист интензитет, наспроти повиците на раководството за обидување и формирање платформи за спас на државата. Превирањата меѓу покрупните играчи полека се пресликуваат во останатите партиски ешалони. Имунитет нема ниту во законодавниот дом, каде што постојат сосема различни мислење кај пратениците, а дел од нив веќе јасно зазедоа страна.

Доказ за тоа, според политичките набљудувачи, се писмените обраќања до јавноста на собраниските тешкаши Илија Димовски и Антонио Милошоски непосредно пред седницата на централниот комитет кога според едни партијата „прокрвавила“, а според други се случило „внатрешното прочистување“. Првиот рече дека нема да учествува во ниту една фингирана битка, какви што биле сите од конгресот во Валандово па наваму, а вториот целосно застана зад лидерот на партијата Мицкоски.

Состојбите меѓу народните избраници, според аналитичарите, може дополнително да се наелектризираат. Тие не ја исклучуваат можноста и некој од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ набргу да пребегне во редовите на новоформираната пратеничка група на „избрканите“. Од ВМРО-ДПМНЕ, чија коалиција од 51 пратеник спадна на 39, пак, отвораат битка против новата пратеничка група. Според нив, нечесно е тие да го користат името на партијата нарекувајќи се „независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија“. Потпретседателот Александар Николовски изјави дека ќе ги искористат сите правни механизми да го заштитат името ВМРО-ДПМНЕ. Од новата пратеничка група вратија дека во понатамошниот период ќе направат се да се направи демократизација, ВМРО-ДПМНЕ да добие ново раководство и да се врати на она што навистина било негова цел, а тоа е интеграција на земјата во ЕУ и НАТО.

Наум Котевски

Фото: Б.Грданоски