ЕУ обезбеди средства за изградба на нова пруга од Кичево до Албанија

Европската Унија обезбеди 7,7 милиони евра за изработка на детална проектна и тендерска документација за изградба на нова железничка линија која ќе почнува од железничката станица во Кичево и се протега низ три општини: Кичево, Дебарца и Струга, во должина од 63 км до границата со Република Албанија. Целта е да се обезбеди придонес за затворање на Коридорот 8 на трансевропската мрежа помеѓу постоечката станица Кичево и границата со Република Албанија.

Во ЕУ Инфо центарот в четврток со почеток во 11 часот ќе се одржи завршниот настан на проектот „Подготовка на детален дизајн и тендерска документација за изградба на нова железничка делница Кичево со Република Албанија како дел од Коридорот 8 и тендерска документација за надзор на градбата работи“.

Проектот го спроведува конзорциумот предводен од ТИПСА од Шпанија во тесна соработка со Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие „Македонски железници – инфраструктура“. Фокус беше ставен на комплетирање на сеопфатни детални проекти и тендерска документација за изградба на нова електрифицирана единствена железничка линија во согласност со техничките спецификации за интероперабилност на трансевропскиот конвенционален железнички систем. По реализацијата на проектот, југозападниот регион на земјата ќе биде поврзан со Транспортната опсерваторија на Југоисточна Европа – СЕЕТО, која ќе го зголеми социо-економскиот развој во регионот.