„Елефтерос типос“: Се зголемуваат меѓународните притисоци за решавање на името

По последните внатрешно – политички случувања во Грција, обвинувањата на релација власт -опозиција и јазот меѓу коалициските партнери во Владата поради прашањето со името, изминатите неколку дена Македонија е една од главните теми во грчките медиуми.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, неделното издание на весникот „Елефтерос типос“ на три страници ги анализира македонско – грчките односи. Во првиот дел, во анализата под наслов „Се згуснуваат меѓународните притисоци за решавање на скопското прашање“, предупредува дека во следниот период, а особено пред НАТО Самитот во јули следната година, не е исклучена можноста да се зголемат меѓународните притисоци за решавање на долгогодишниот спор. Според весникот, САД веќе имаат многу посериозни проблеми како што се Блискиот исток и Турција и не би сакале уште еден проблем на Балканот.

– И изјавите на американскиот амбасадор во Атина Џефри Пајат за поддршка на Грција и оптимизам за решавање на прашањето, го откриваат расположението на Вашингтон. Но, и покрај тоа, се чини дека не постојат притисоци кон Атина, но не е исклучена можноста дел од силните европски држави членки на НАТО, а веројатно и Германија, да побараат во првата половина на 2018, да се обезбеди „ветување“, според кое Скопје прво ќе добие потврда дека ќе влезе во организацијата, а потоа, сѐ до нивната конечна интеграција, ќе се водат преговори за решавање на спорот со името, наведува грчкиот весник и тврди дека за ваквото сценарио е согласен голем дел од власта кај нас, но Атина е категорично против.

Претставници на грчката влада, особено министерот за надворешни работи, во минатото неколку пати испратија порака дека решавањето на проблемот со името е предуслов за членство на Македонија во НАТО и ЕУ.

„Елефтерос типос“ пишува дека во прашањето за името не се очекуваат суштински случувања до пред крајот на јануари, за кога е закажана втората средба на медијаторот со преговарачите од двете земји.

– Сите очекуваат да видат дали ќе се договори нешто со Скопје и кој ќе биде предлогот за конкретно име. На крајот на јануари се очекува да се одржи втората средба на Метју Нимиц, специјалниот претставник на Генералниот секретар на ОН за името со претставниците на Грција и пјРМ. Не е исклучена можноста, господинот Нимиц, да состави и конкретен предлог за името, пишува грчкиот весник, а ја спомнува и веројатноста во Македонија, решението да оди на референдум, нешто што, како што тврди новинарката, земјите како САД, Велика Британија, а особено Германија не посакуваат да се случи поради „видливата опасност граѓаните да гласаат против“.

Во опширната анализа, како што пренесува МИА, весникот прави и ретроспектива на македонско – грчките односи уште од Југославија до денес. Под наслов: „26 години трае серијалот со името“, весникот ги наведува најважните моменти, односно како што пишува „сите епизоди на скопското прашање“.

– Поминаа повеќе од 26 години, „жешкото“ прашање со името на соседната земја, продолжува да осцилира на грчката политичка сцена. Серијлот со името има многу епизоди: демонстрации, состаноци на лидерите на политичките партии, вето во НАТО и ЕУ, Времена спогодба итн. Денес, се надзира расположение од соседите за компромис во прашањето за името. Но, владата на СИРИЗА и Независни Грци се чини дека не може да се справи со ситуацијата, анализира весникот и индиректно упатува критики до актуелната влада на Грција дека нема заедничка и единствена позиција за конкретното прашање, поради различните позиции на коалицискиот партнер Панос Каменос.

На официјалниот сајт на Министерството за надворешни работи на Грција, како што јавува дописникот на МИА од Атина, во делот посветен на прашањето за името и хронологијата на проблемот, како јасна грчка позиција се наведува: сложено име со географска одредница пред зборот „Македонија“, ерга омнес, односно за севкупна употреба и внатрешна и меѓународна. Токму ова го споменува и весникот во анализата со коментар дека со самото тоа што учествуваат во владата и ја поддржуваат истата, Панос Каменос и Независни Грци, го прифаќаат овој став. „Елефтерос типос“, земајќи го предвид фактот што заменикот на Никос Коѕијас, Теренс Куик е член на партијата на Каменос, го поставува прашање „како тој ја брани оваа позиција за името на неговите средби со странските функционери?“.

Весникот коментира дека во спорот со името, Грција можеби во минатото изгуби повеќе битки – особено оние со признавањата од други земји, но не ја загуби војната и од неа може да излезе како победник. Потребно е само „да биде подготвена за околностите, да достави јасен предлог, да преговара цврсто и на нејзина страна ќе ја има најголемата политичка поддршка“.

„Елефтерос типос“ прави ретроспектива на најважните моменти во односите меѓу Македонија и Грција, а повикувајќи се на свои извори ги спомнува имињата за кои се разговарало во минатото: Славомакедонија, Новомакедонија, Македонија – Скопје, Вардарска Македонија, Горна Македонија, Планинска Македонија, Нова Македонија, Уставна Република Македонија, Демократска Република Македонија, Независна Република Македонија, Нова Република Македонија, Република Горна Македонија.