Елена Ристеска, поп-ѕвезда: Фановите ме прават кралица

Девојчето со доколенките на почетокот на кариерата, со црно-бели фустанчиња од спотовите и со бела бундичка од фотосесиите, денес е поп-ѕвезда, фам фатал, сам свој шеф, со тим од 15 луѓе зад себе. Елена Ристеска (32) е топ-тема и со професионалниот и со приватниот живот, активна на социјалните мрежи, дефинитивно посилна од порано. Вели, меч со две острици е да си ѕвезда во Македонија. Ужива да биде блиска до народот, на сцената ја остава душата, но нејзината мисија е да ги прави среќни луѓето. Нејзините цели во моментов се во балкански размери и експерименти за надвор од Балканот.

Што е ново на музички план? 

– Веројатно сум една од ретките што работи секојдневно на нов музички материјал. Пишувам текстови, создавам музика, често експериментирам во музичките правци кога сум во студио и имам навистина многу нови проекти кои чекаат да бидат објавени. Последно сработено ми е видеото за песната „За крај“ која ми е подарок од Сергеј Четковиќ, а аранжманот е на Дарко Димитров. Спотот го работеше истата екипа што го сработи спотот за „Текила и лимон“, воедно се работи за младите талентирани браќа Дејан и Мартин Михајлови од „Марсбен продукција“. Во меѓувреме се чека доснимување на уште неколку спотови додека трае летото. Од септември ќе бидат објавени сите проекти на кои работев изминатиот период.

Какво е чувството да не си веќе ексклузивка, туку шеф на самата себе, со воигран тим зад себе?

– Првично ми беше тешко да се навикнам на тоа дека не стои продукциска куќа зад мене после скоро 12 години работа со М2. Но, веројатно, како сунѓер ги впивав принципите и информациите за тоа како се работи низ годините додека работев со мојот менаџер Иво Јанкоски и од него го научив сето она што ми беше потребно за да продолжам цврсто и професионално да се менаџирам самата себе. Всушност, во многу лош период останав сама во работата, во истиот момент кога останав сама и приватно, односно се разведов и кога татко ми се разболе, тогаш морав да застанам на свои нозе и професионално. Паметам еден разговор со татко ми кога му реков дека ќе поставам нови принципи, нови цени за настап и цврсто ќе се држам до нив кога тој ми рече да не стојам толку тврдоглаво на сето тоа бидејќи можам лесно да пропаднам. Но се двоумев дека или достоинствено ќе пропаднам или вистински ќе успеам. Така и беше, после одреден период ми честиташе прв токму татко ми за мојата упорност и за успехот што сама го постигнав со таа тврдоглавост и држење до принципите. Од друга страна, не сум сама ни сега, иако одлуките сама ги носам, имам тим од 15-ина луѓе кои работат за мене и, да бидам искрена, без нив немаше да истраам толку години во шоу-бизнисот или јас би рекла – морето со ајкули. Асистентка, возач, обезбедување, бенд од 6 музичари, танчари… сите тие се пред сè прекрасни луѓе со кои не само што ми се олеснува работата, туку и задоволство ми е да работам со нив бидејќи низ хумор и со леснотија се решаваат сите проблеми. А, сите што се дел од мојот тим, воедно и поддршката од моите најблиски и моите фанови, прават да се чувствувам како кралица.

Што би повторила, а што никако не би направила во кариерата, имајќи го твоето искуство како ѕвезда на овие простори, но и во регионот?

– Да бидам искрена, иако сум премногу самокритична, не би променила ништо да можам да го вратам времето. Повторно би била иста и со истите правила во животот. Можеби приватните нешта поинаку би ги водела, не би дозволила неколку грешки во мојот живот, но веројатно подобро е што некои од нив се случиле. Сите тие нешта ме направиле она што сум денес, а денес сум дефинитивно појака од порано. Еден мој текст вели: „Ех да можам да го вратам времето“, секако дека би го вратила за исклучиво со времето да вратам некои личности кои повеќе не се меѓу нас. Но, во однос на животот, пак да се родам повторно би сакала да бидам музичар и истиот живот да го живеам.

Дали е потешко или полесно да си ѕвезда? Ти се отвораат или ти се подзатвараат вратите? Дали навистина сте привилегирани како фела?

– Меч со две острици е да си ѕвезда во Македонија. Не викам дека немам предности како јавна личност, навистина многу врати во одредени животни моменти ми се отвориле, но достапноста до секого не е баш предност во едно мало место во какво што живееме, каде што „сите знаат сѐ за секого“. Немаме привилегии во споредба со светските ѕвезди. На пример, не живееме во палати, не заработуваме милионски суми како нив. Живеам во стан од 65 квадратни метри, чекам ред во банка, како и сите други, пазарам сама во маркет итн. И сите тие нешта наречени аномалии во однос на странските ѕвезди ги претворам во задоволство и предности. Уживам да бидам блиска до народот, да ги правам сите работи што ги прави која било анонимна личност. Се адаптирам целосно на поднебјето и условите во кои живееме. Всушност, мојата мисија е да ги правам среќни луѓето околу мене, да им „купам насмевка“ на сите во сивово секојдневие.

Што значи да си ѕвезда во Македонија? Повеќе на материјален план или во прашање се ангажмани?

– Дефиницијата за ѕвезда веднаш го губи значењето во мала земја како нашата. Ѕвездите на небото се недостижни и сјајни за разлика од нас јавните личности во Македонија. А фактот дека ѕвездите се планети осветлени од Сонцето претставува добра метафора на тоа дека сите ние сме обични луѓе осветлени од рефлекторите или светлината од сонцето може да биде асоцијација на вниманието од јавноста кое е насочено кон нас пејачите. Ангажманите не значат кај нас дека си ѕвезда, можеби цената на настапите посочува некаква разлика кој колку е успешен, но не и бројот на ангажмани. До мене можат да стигнат безброј понуди во годината, а да прифатам само неколку, а сето тоа зависи од висината на сумата која ја барам и условите на работа. Најчесто одам на квалитет, а не на квантитет. Врз база на некаква атрактивност, кај нас многумина се заштитни лица на сè и сешто, јас сметам дека тоа е навистина дегутантно да се рекламира за мали суми секакви брендови, а најчесто и за компензации. Мене компензации не ми требаат, можам да си купам сè, мене ми требаат спонзорски буџети за да можам да вложам во песни, спотови и во кариерата. Па, така, имам 10-ина концерти годишно за истите пари за кои некој прави двојно повеќе концерти. Да не речам поголема мака вложуваат оние што концертите ги продаваат евтино. Но, сепак, важно е дали имаш веќе создадено кариера, ова правило не важи за почетници, на кои им е потребно искуството. Исто и со спонзорските договори, имам 3-годишна соработка со „Кроација – осигурување живот“ и нова соработка со заботехничката ординација „Кад-Кам Филипови“, а секојдневно стигнуваат разни понуди за соработка.

Ти си една од ретките македонски пејачки која постојано си на врвот во однос на талентот, изгледот и на загарантирана добра забава. Што е тоа што според тебе те прави уникатна како музичар кој се проби и на српскиот пазар, и во Европа и во Русија?

– Сè уште не ми се поставени цврсто темелите на успешна кариера во земјите надвор од нашата, но да, така е, имам забележливи успеси и надвор од мојата земја во која градам кариера веќе 16 години. Всушност, гордо ја претставувам оваа држава уште од дете кога бев игроорка, а многу повеќе како пејачка изминативе години. Сега ќе употребам игра на зборови за да одговорам:  уникатноста е тоа што ме прави уникатна или различна од другите. Храброто експериментирање во однос на сè ми помага многу, но и љубовта и посветеноста на работата. Не би можеле да бидете успешни во оваа професија ако силно не ја љубите музиката. Тогаш ќе бидете како и сите други професионалци во други професии, парите во џеб и ништо не ви е важно. Мене не ми е така, мене ми е душата целосно предадена на музиката, емоцијата ме води во изборот на песните, јас живеам со музиката, плачам, се забавувам и се радувам со музиката, тоа е дел од мене. Затоа правам неколку концерти годишно, ама на сцената ја оставам мојата душа, на публиката ѝ ги раскажувам моите искуства и целосно ѝ се предавам. За мене не постои откажување на настап, не е важно дали сум тажна, дали сум болна, дали татко ми е во болница, дали сум направила доволно проби итн. Јас сум професионалец до максимум. И ќе пеам секаде каде што достоинствено и чесно ќе бидам платена за тоа бидејќи јас ги плаќам сите останати што работат со мене. Мојата работа е да пеам, а за разлика од другите професии мојата предност е тоа што имам обожаватели и тоа што луѓето се поистоветуваат со моите песни, а тоа е возвишено чувство.

Што научи од странското искуство?

– Научив дека во Македонија многу често се импровизира, дека ретко кој работи професионално како тимовите во странство. Затоа за моите спотови и проекти земам филмски работници и уметници што имаат една работна дисциплина која потсетува на оние со кои сум работела во странство почнувајќи од странски фестивали, снимање спот во Амстердам, учество на шоу од типот ТЛЗП итн. Таму има ред и дисциплина и си има одредена хиерархија, секој својата работа си ја работи, а се знае кој е кој, и кој каква улога има. Соработката со Кирил од Русија ми донесе еден поинаков видик на професијата кога заедничката песна ја промовиравме на хип-хоп фестивалот „Мејдеј“ во Москва пред 100.000 луѓе. Таква можност во Македонија се појавува еднаш на 10 години. Евровизија ме научи на прецизноста, доколку сакаш перфекција во настапите, мораш да внимаваш на секој детаљ, да си ги прегледуваш грешките преку видеоснимки од пробите и да се трудиш да си што поперфектен. Екипата што го работеше спотот за песната „Милионер“ на англиски, кој беше снимен во Амстердам, ме подготви дека мора да се внимава на закажаните термини за снимање и распоредот на сцените бидејќи еден ден претходно целиот спот го одглумевме за режисерот да види како ќе изгледа и поради нашата подготовка за снимањето. Организираноста и прецизноста на екипата ретко ќе ја видите во тимовите во Македонија. Оние што се надежни екипи во Македонија, на кои им давам шанса, важно е дека знаат да слушаат и да учат, а филмските екипи со кои работам како Дуле Кардалевски, Васил Христов-Вуси се веќе подготвени и работат исто како странските екипи. Со таква екипа лесно е да се работи.

Ти не беше само кукла од насловните страници. Колку што се сеќавам пишуваше и одлични текстови. Во кој сегмент од музиката се чувствуваш своја?

– Од првиот момент кога стапнав на сцена како изведувач, оттогаш пишувам и текстови. Своја сум и во двете професии бидејќи и на двата начини успевам да се изразам себеси. Ако сте комплетен музичар, ќе правите сè што ви е во домен на способностите за да направите што поквалитетна музика. Јас дури гледам предизвик и во продуцентството на вокал и во композиторството. Моите текстови се емотивни, инспирирани од туѓите или своите приказни, секојдневни, чудни, понекогаш неразбирливи, но сите до еден се напишани од душа. Ги пишувам скоро сите свои текстови, пишувам и на англиски, италијански и на српски и имам околу 100-ина текстови напишани за мои песни, но и за други артисти. Во последниве години, текстовите што ги правам за млади изведувачи ги сметам како поддршка на нови таленти и поддршка на македонската музика воопшто.

Со македонската ѕвезда Каролина сте најдобри пријателки. Има ли навистина ривалство на сцената или тоа е веќе мит?

– Која сцена и кое ривалство? За жал, повеќе нема случувања на сцената, многу малку концерти и музика. Па, не би можеле да се создадат ривалства, кога нема зошто да бидат создадени. Малку концерти, малку спонзорства, малку пари во оваа работа. Со текот на годините сите се сплотивме, не само со Каролина, туку добро комуницирам со сите колеги. Вистински се дружиме, посебно Керол, како што ја викаме во друштвото, ми стана една од неколкуте другарки кои вистински сочувствуваат и вистински се радуваат на моите радости и таги, и успеси, и неуспеси. И обратно, и јас за нејзините.

Сè уште го држиш рекордот како наша пејачка со најдобар пласман на Евросонг. Која е твојата цел или амбиција на музички план?

– Дефинитивно предизвиците ги барам и ги наоѓам во неслучени и нови нешта. Евровизија е веќе видена работа за мене, и враќањето на таа сцена не ми претставува некаков предизвик. Не викам дека никогаш не би се вратила на тој фестивал, но под услов да имам подобра и пооригинална песна од „Нинанајна“. Моите цели во моментов се во балкански размери и секако експерименти за надвор од Балканот. Никогаш не знаете што може да успее во музиката, понекогаш се создаваат навистина незаборавни и посебни песни, но тоа не се случува често. А, идеи имам еден тон, ако барем дел се остварат, ќе увидите огромна амбиција и желба за ширење на мојата музика кон што поголем аудиториум.

Дали го имаш чувството дека имаме многу музички таленти, а малку менаџери кои можат да ја туркаат нивната кариера. По кратко време, паѓаат во заборав. Што треба да се смени на тоа поле?

– Освен неколку музички продукциски куќи, кои поседуваат по еден до двајца артисти, јас навистина не гледам менаџери во забавната музика. Одвреме-навреме се појавува по некој нов и амбициозен, но брзо потоа гасне. Штом јас се одлучив сама да работам како свој менаџер и досега ми успева одлично, тогаш можеби и нема потреба од менаџерство во поп-музиката, особено доколку артистите се барем малку повешти во комуникацијата, организацијата и доколку артистот знае што е најдобро за него. За младите и почетниците дефинитивно е потребно менаџерство за правилно да се насочат. Но мислам дека воопшто не е проблемот во тоа, туку во медиумите. Некако, без разлика на можностите што ги дава напреднатата технологија или социјалните медиуми, сепак, потешко стигнуваме до музиката и новитетите во неа откако не се гледа телевизијата и ги нема пишаните медиуми. Јас би сакала да ја проширам продукцијата со нови таленти и да ги менаџирам, но нема многу настани и концерти каде што би ги понудила. А, музика и песни има, се прават и добри песни, но дали има кој да ги препознае?

Една си од ретките ѕвезди што снимаше фотосесија за српскиот ФХМ, а таква понуда ретко кој добива. Актуелна си и со други фотосесии кои го истакнуваат твојот сексапил. Колку изгледот е важен во шоу-бизнисот?

– Пред сè е важен изборот на песни. Како и во секој бизнис, да знаеш да го погодиш продуктот што најлесно ќе ти ги продаде концертите и ќе ги привлече спонзорите. Но, секако дека е важна целосната естетика и целосниот концепт врз база на кој го нудиш својот продукт. Но не би го ставила сексапилот или изгледот како примарен или приоритетен во однос на другите сегменти од мојата професија. Сепак, музиката е таа што останува и која ти го врежува името во историјата на музиката. Никој после 10 години нема да запомни како сум била облечена или како сум изгледала на некоја фотосесија, ќе ги помнат рефрените што сум ги испеала. Сепак, драго ми е што сум била на насловна страница на многу списанија во и надвор од земјава, за кои можеби повеќето сонуваат и ги сметаат за престиж.

Уште на почетокот на кариерата привлече внимание со твојот стил на облекување. Слушнав дека многу добро дизајнираш за своја душа. Дали можеби модното креаторство е твојот следен проект?

– Би сакала кога-тогаш да ја реализирам идејата за креаторство. Имав обиди за соработка со неколку фабрики од Македонија, но веројатно треба да се почека моментот и да се вложи соодветна сума и тогаш да се почне со некој таков нов и дополнителен бизнис. Сè што сум намислила сум успеала, така и оваа идеја треба да созрее и да ѝ дојде вистинското време за реализација. Дизајнот на чевли и на модели од тексас беше мојот обид кој до некаде беше успешен, но она што го сакам е нешто многу поголемо, а тоа е градење бренд кој ќе може и по квалитет и по оригиналност да се мери со светските брендови. Имам и други бизниси на кои веќе работам, кои имаат врска со медиуми, но не се поврзани со мојата професија, за кои ќе оставам на времето да ги оствари. Потребно е некогаш да се излезе од рутините и веќе добро поставената професија. И тоа е дел од моите експериментаторски желби.

По Тоше, Македонија изгуби уште еден пејач на само 33 години. Сите нè растажи кога на твојот блог се прости од Влатко Илиевски со зборовите: Поздрави ги Тоше и татко ми. Колку тие ти значеа во твојот живот?

– Кога тие си отидоа од мојот живот, јас се сменив целосно, животот ми се дели на пред и после нив. Кога си отиде Тоше, тогаш се смени и македонската музичка сцена, кон полошо. Јас изгубив сродна душа приватно, но сите ние изгубивме што веќе не сме почестени со неговиот волшебен глас. А, татко ми со себе однесе дел од мене. Остарев предвреме, се сменив емотивно, повеќе ништо не допира до мене. Загубата на татко ми ни ја уништи и пошироката фамилија, неколку драги луѓе отидоа прерано на оној свет, а заминувањето на татко ми беше кулминација на болката во нашата фамилија. Никому не му го посакувам она што го поминавме. Ракот не е негова болест, тоа е болест на целата фамилија. Од колегите изгубивме прерано премногу од нив, со оглед на тоа што сме малобројни на сцената. Ама ова со Влатче беше ужасно шокантно. Последните негови контакти со нас создаваат дополнителна болка поради неговата загуба. Ова треба да нè научи сите да се цениме додека сме живи. Откако ќе се преселиме на друг свет, веќе е предоцна за сè. Влатче беше обожавано дете, од сите, и затоа после многу несоодветни коментари, едно треба да знаеме, ние како колеги секогаш си помагаме, дуети, соработки, подарување песни итн., но најголемата помош за сите нас се очекува од публиката, да се слуша македонска музика, да се посетуваат концертите, да се купуваат албумите. Ако сами не си го цениме своето, никој нема никогаш да нè цени.

Секогаш си ведра и насмеана. Што може да те извади од кожа?

– Озборување ме ужаснува, исто така нестабилно однесување, манипулација, луѓе што не знаат да си ја задржат устата затворена кога е потребно, па автоматски ме иритира таа несозреаност кај возрасни луѓе… нелојалност затоа што неизмерно ценам лојалност, лицемерство, потоа моменти кога треба да си ги погазам принципите поради разни причини. Ретко кој ме видел во такво издание кога сум извадена од кожа и сум нервозна, и најчесто таквите моменти, бидејќи се ретки, ми ги паметат цел живот. Потоа, креирање скандали со потреба да се стекнат повеќе кликови или, пак, за да се одмазди некој некому… мразам да слушам трачеви, всушност, позната сум во друштвото по тоа дека не сум баш информирана за туѓите животи, па дури и за генерални вистини и невистини и случувања во државата.

Лејла Сабит    Фото: Борис Грданоски