ЕК: Законот за амнестија важен чекор кон помирување

Европската комисија денеска го поздрави усвојувањето на Законот за амнестија за настаните во Собранието на Македонија на 27 април минатата година, оценувајќи го како можност за помирување на опшеството.

– Одлуката на Собранието да го усвои Законот за амнестија со големо мнозинство е важен чекор кон помирување на општеството и за надминување на болната поларизација. Овој процес е клучен за градење национален консензус за стратегиските прашања во интерес на земјата. ЕУ очекува усвоениот закон да не се меша во независноста на судството, кое самостојно треба да одлучи за тоа кој се бил вклучен во органиизрањето и извршувањето насилства, како и за тоа кој не ги исполнил своите службени обврски на 27 април 2017 година, се наведува во пишаната изјава на портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчиќ.

Собранието на РМ синоќа по скратена постапка со 95 гласа „за“, без против и воздржани го донесе Законот за амнестија за настаните во Собранието од 27 април минатата година. Согласно законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекорите службените овластувања.