Една слика илјада зборови: ВМРО-ДПМНЕ се врати здружена во парламентот

Опозициските пратеници се вратија денеска во работата на парламентот, откако пред точно една недела објавија дека го напуштаат Собранието поради, како што оценија, прекршување на процедурите за ратификација на договорот со Грција.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ учествуваше на новата пленарна седница во текот на денешниот ден,  а пратеникот и поранешен координатор Илија Димовски објави на фејсбук фотографија од пленарната сала – заедно со новиот координатор Драган Данев, кој дојде на функцијата по изборот на Христијан Мицкоски за лидер. Димовски, пак, беше координатор на пратеничката група до заминувањето на  Никола Груевски од челната позиција на ВМРО-ДПМНЕ.Тој беше во групата на пратеници кои бараа одложување на партискиот конгрес во Валандово и сам се повлече од координатор веднаш по изборот на Мицкоски.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во расправата за ратификацијата на договорот со Грција, откако Владата го обележа со европско знаме овој закон, избегнувајќи ја на тој начин Комисијата за надворешна политика со која претседава Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Префрлањето на ратификацијата во Комисијата за европски прашања, со која раководи Артан Груби од ДУИ, како и отсуството на опозицијата беа причините поради кои договорот со Грција помина многу брзо во парламентот. Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија тогаш дека го напуштаат Собранието, ама не кажаа до кога ќе трае нивниот бојкот, посочувајќи дека одлука за тоа ќе донесат дополнително партиските органи.

Сега е неизвесно како ќе постапи ВМРО-ДПМНЕ при повторното гласање за Законот за ратификација на договорот со Грција, откако претседателот Ѓорге Иванов стави „вето“, а од Собранието најавија дека ќе го вратат на дневен ред најдоцна следната седмица.

(А.М.М.)