Еврокомесарот Хан доаѓа во Скопје на разговори за ЕУ агендата

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан денеска и утре ќе престојува во посета на Македонија во рамки на која ќе има политички и средби со претставници на граѓанскиот сектор.

Хан, како што засега официјално е потврдено, ќе има средби со премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, со претседателот на Собранието Талат Џафери, со лидерите на ДУИ Али Ахмети, на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на Алијансата на Албанците Зијадин Села.

Во рамки на посетата еврокомесарот ќе се сретне и со претставници на невладиниот сектор.

Посетата на Скопје еврокомесарот Хан минатата недела ја најави на Твитер по средбите во Брисел со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и со шефот на дипломатијата Никола Димитров.

– Со нетрпение ја очекувам мојата посета на Скопје, следната недела, во рамки на која ќе имам политички средби, но и средби со претставници на цивилното општество, објави Хан.

Во твитот како извонредна ја оцени средбата Османи и со Димитров.

– Верувам дека Владата ќе го искористи позитивниот момент и оти ќе ги видиме резултатите од натамошните реформи до крајот на годината. За ова е потребна конструктивна соработка на сите политички сили, вклучувајќи ја и опозицијата, нагласи Хан.