Дури 40.000 граѓани се на инсулинска терапија, 500 се деца

Дури 40.000 граѓани во земјава се на инсулинска терапија, 500 се дечиња помлади од 14 години од регистрираните 120.000 дијабетичари. Шеќерната болест е во подем, бројот на заболени драматично расте од година во година. Лекарите велат болеста, која се карактеризира со зголемување на нивото на гликоза во крвта, се јавува како последица на вишок килограми, а може да настане и поради генетски нарушувања или оштетувања на панкреасот. На одбележувањето на Светскиот на ден на дијабетесот, Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања, заедно со Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Македонија, организираше рекреациска активност, пешачење на кејот на Вардар.

Граѓаните имаа можност да им биде направено мерење на гликоза пред и после пешачењето, за да се потенцира важноста на физичката активност и само контролата како значајни елементи во третманот на дијабетесот. Важно е, посочија лекарите и од здружението, да се подигне свеста кај населението кои се ризик-факторите за појава на заболувањето.

„Ризик-факторите за дијабетесот, освен фамилијарните, кои не можеме да ги смениме, се начин на живот кој нема физичка активност, односно дебелината, посебно дебелината кај децата е голем ризик“, реле Саша Јовановска-Мишевска, директорка на Клиника за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболзимот.

„Дијабетесот како во светски размери така и кај нас зазема пандемиски размери, бројката расте од ден на ден“ изјави Ирфан Ахмети од Клиниката за ендокринологија, кој е претседател на Национална комисија за дијабетес

„Болеста може да протекува без јасна симптоматологија, уште одамна инсистираме скрининг за тип 2 дијабетес, кај луѓе со генетска оптовареност, повозрасна и погојазна популација“, додаде Татјана Миленковиќ, претседател на Здружение на ендокринолози и дијабетолози на Македонија.

За пациентите со дијабетес и тоа како е важно да имаат современи системи за мерење на шеќерот во крвта, без боцкање, неопходни се посебно за најмалите, дечињата.

Министерството за здравство сега е пред нов предизвик, да обезбеди сензори за континуирано мерење на гликемијата во крвта. За почеток потребни се околу 500 сензори, за да можат да се покријат месечните потреби на децата. Министерот Венко Филипче рече дека идната година ќе се обезбедат нови системи за мерење гликемии.

„Ние како Министерство, но и како општество секако, треба многу повеќе да обрнеме внимание на стигматизирањето на децата со дијабетес. Сведоци сме дека дел од овие деца имаат пречки да бидат дел од предучилишниот процес во градинките, поради стравот на кадарот. За жал, стигматизирање има и во училиштата, се разбира, неоправдано. Дијабетесот не е заболување, тоа е состојба која ние се трудиме да ја олесниме и ги охрабруваме и децата и родителите сосема храбро да чекорат низ животот и со дијабетес“, изјави министерот Венко Филипче.

Филипче додаде дека Министерството го укина паралелниот увоз на инсулин и терапија за дијабетес, зашто со него не се гарантирал квалитет на инсулинот, ниту се имало контрола дали терапијата која им е потребна на пациентите во земјава влегува исправна, ниту дали е запазен неопходниот ладен синџир кога се транспортираат лековите.

Вероника Мароска-Леова