Дрога најлесно се наоѓа во затвор

Наместо да бидат во затвор на издржување на затворската казна, затвореници од струшкиот затвор продавале дрога. Оваа вест што беше објавена викендов ја покажува сликата во сите македонски затвори каде што „цвета“ наркобизнисот.

Вестите дека затвореници починале од предозираност се секојдневје, а народниот правобранител Иџет Мемети при презентацијата на извештајот за 2016 година предупреди дека во затворите се продава дрога и се регрутираат нови зависници.

Во едно од своите гостувања минатата година Мемети потврди дека затворите се преполни со дрога која се продава по многу поволни цени.

Според него, цената на дрогата во затворите е многу поповолна отколку надвор, односно на улиците. Ова произлегува од разговорите и извештајот на лекарите во затворите кои разговарале со осудениците. Во затворите лесно достапен е и хероинот, кој се смета за една од потешките дроги.
Според неофицијалните бројки, во скопскиот затвор „Идризово“ од речиси 2.000 затвореници, половина се наркозависници.

Сепак, Мемети не сакаше да даде изјава за нашиот весник каква е сега состојбата со дрогата во македонските затвори, иако оваа институција постојано ги мониторира условите таму.

Последниот извештај на оваа институција го презентираше неговата заменичка Васка Бајрамовска-Мустафова.
Овие информации се јавна тајна, но нема официјални бројки кои покажуваат колку зависници од дрога има во затворите, како се лекуваат и дали има пропусти во нивното лекување.

И првиот човек на Управата за извршување на санкции не сакаше да даде изјава и вели дека официјално нема добиено информација за полициската акција во Струга.

Неoспорно е дека во препрoдавањето дрога се вклучени затворските чувари, а во некои случаи и високи полициски функционери.
Во последната акција на полицијата, утврдено е дека на криминалната група во Струга ѝ помагал и инспектор од полициската станица во Струга. Неофицијално се проверува и вмешаноста на директорот на затворот во овој случај. Од Министерството за внатрешни работи официјално велат дека директорот на затворот не е приведен.

„МВР ќе продолжи со активностите за обезбедување материјални докази за други лица поради постоење на основи за сомнение дека се сторители на кривични дела, злоупотреба на службена положба и по целосно документирање на случајот ќе биде известено надлежното Јавно обвинителство“, велат од МВР.

Завчера во акција во Струга беа приведени шестмина затвореници, дилери на дрога и оружје, еден е во бегство, а приведен е и осуденик на 13 години затвор кој се барал со потерница. Членовите на групата издржувале затворска казна во затворот во Струга кој е од отворен тип.
Полицијата извршила претреси на повеќе локации, меѓу кои и во затворот. Во четири објекти во струшкото село Велешта, пронајдени се четири пиштоли со рамки.

Во објекти во селата Ливада и Радолишта и во стан во центарот на Струга, полицијата нашла околу шест илјади евра, како и други материјални докази, а во затворот е најдена и документација.

Пред да биде спроведена акцијата, пред затворот во Струга биле забележани две непознати лица со автомобил со албански таблички. Лицата не поседувале документи за идентификација, но при преглед на возилото, кај нив била најдена марихуана.

Според неофицијални информации, струшката криминална група брои педесетина лица, а во неа се вмешани и чувари, полицајци, но и локални бизнисмени.

Полицијата допрва ќе го расчистува овој случај, но останува отворен и повикот на народниот правобранител да се расчистат корупцијата и шверцот со дрога во затворите.

Од извештајот на народниот правобранител, во затворите нема здравствена заштита за осудениците, а најмалку за зависниците.
Тие се жалат на здравствениот третман, несоодветните услови во затворските амбуланти, недоволната опременост со медицински инвентар и апарати, како и за недостатокот на лекови и здравствен персонал.

Во последниот извештај, народниот правобранител констатира дека е зголемен бројот на смртни случаи, за што се отворени 12 предмети за испитување на причините за смртта. Постапките за шест смртни случаи завршиле без покренување постапка, а за другите случаи постапките се во тек.

„Останува констатацијата на народниот правобранител дека системот на здравствена заштита во овие установи не е функционален ниту ефикасен, осудените и притворените лица и натаму добиваат здравствен третман само во работното време на здравствената служба, со исклучок на затворот ‘Скопје’, каде што се воведе двосменско работење на здравствената служба“, пишува во извештајот.

Фросина Факова-Серафиновиќ