Државниот инспекторат за животна средина со зајакнати контроли на терен

Инспектори на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) денеска на терен вршат зајакнати контроли на правните субјекти што поседуваат А интегрирани еколошки дозволи (А ИСКЗ), соопшти попладнево ДИЖС.

Овие активности се преземени како резултат на прагот на алармирање за надминување на вредноста од 200 микрограми на метар кубен во текот на два последователни денови на PM10 честичките во воздухот, дефиниран во Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање.

Овој праг на алармирање, како што велат од Инспекторатот, е надминат во Скопје на мерните места Ректорат и Лисиче и во Тетово.

Скопје и Тетово се опфатени со зајакнатите контроли на Државниот инспекторат за животна средина и врз основа на оваа контрола ќе бидат преземени соодветни мерки согласно уредбата и Законот за амбиенталниот воздух.

Инспекторските екипи на терен ги потсетуваат управителите на компаниите и на препораките за намалување на производството во периодот кога важат мерките што се на сила заради надминување на вредноста од 200mg/m3 во текот на два последователни денови на PM10 честичките во воздухот.

Од Државниот инспекторат за животна средина информираат дека доколку биде потребно, инспекторските екипи ќе бидат зајакнати и со инспектори од другите градови во Републиката