Дол ја објасни постапката за исклучување од ЕПП: Дали е тоа порака и до Мицкоски?

Претседателот на ЕПП Жозеф Дол ја објасни предмалку на твитер процедурата за исклучување членки од Европската народна партија.

-Има јасни правила за исклучување партија од ЕПП. Член 9 од нашиот статут јасно вели дека седум членки  од пет земји мора да испратат барање до претседателството за да исклучат некоја партија. Ние секогаш се придржуваме до правилата, но досега не сме добиле такво барање, порача Дол преку својот профил на твитер.

Ваквата порака на првиот човек на ЕПП, можеби, се однесува на Фидес -партијата на Виктор Орбан во Унгарија, откако претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кој е од редовите на ЕПП,  изјави дека на унгарскиот премиер Орбан и неговата партија не им е повеќе местото во оваа политичка група.

 

Но цел на критика на ЕПП во последниот период е и ВМРО-ДПМНЕ, поради политиките на партиското раководство контра договорот од Преспа, неодамнешниот референдум, а сега и уставните измени. Дол, пред неколку дена, испрати порака, исто така преку твитер, во која соопшти дека е разочаран од улогата на најголемата опозициска партија во земјава, слично како што завчера посочи и високиот функционер на Стејт Департментот Вес Мичел – во отвореното писмо до Христијан Мицкоски.

-Се очекува важна одлука за иднината на БЈРМ и целиот регион во рамките на ЕУ и НАТО. Останувам разочаран од улогата на опозицијата во овој процес досега, конструктивната соработка мора да надвладее над бојкотот, напиша Дол.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски вчера учествуваше на конференција на ЕПП во Брисел, каде што настапи со став дека ВМРО-ДПМНЕ ќе постигне нов и подобар договор со Грција, кога ќе дојде на власт. Според неофицијални информации од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, засега нема најави за можно барање за исклучување на ВМРО-ДПМНЕ од семејството на европски демохристијански партии. Сепак, не е исклучено македонската десничарска опозиција во наредните денови да добие некој „жолт картон’ –  од ЕПП.  (А.М.М.)