Дождот не престанува, можно е излевање на водотеците

Најмногу дожд изминатите шест часа наврна во Гевгелија, 30 литри на метар квадратен, во Крушево 21 литар, во Демир Капија и Прилеп 19 и во Охрид и Битола 16 литри.

Ако врнежите продолжат со очекуваниот интензитет, предупредува УХМР, можни се излевања на малите водотеци, додека големите имаат капацитет да ги примат врнежите без да се излеат.

Според последните мерења во 13:00 часот, денешните врнежи заедно со оние од изминатото деноноќие, во јужните делови на некои места и до 100 литри на метар квадратен предизвикаа зголемување на водостојот на водотеците низ земјата. Најголеми зголемувања на водостојот се забележани на реката Коњска, за 100 сантиметри, на Црна, за 30, додека нивото на Дојранското Езеро е зголемено за 10 сантиметри.

Во текот на денот и особено во текот на ноќните часови во земјава ќе продолжи да преовладува облачно време проследено со врнежи од дожд кои на места повторно ќе бидат обилни. И покрај тоа што на поголемиот дел од реките низ земјата водостоите се уште се доста ниски и се под просекот за овој период од годината, се очекува врнежите да предизвикаат натамошно зголемување на водостојот и да ги наполнат речните корита на водотеците низ Македонија.

– Зголемување на водостојот се очекува на сите водотеци, особено на помалите, со мали сливни површини кај кои побрзо се формира истекувањето. Доколку се остварат прогнозите и на места наврнат поголеми количини дожд, можно е да дојде до значително зголемување на водостојот и полнење на коритата на помалите реки, додека на некои места можно е да има и локални излевања, пред се на малите водотеци, информира УХМР.

Воедно предупредува најмногу внимание да се обрне на водотеците во јужните и западните делови од земјава, односно на водотеците кои доаѓаат од Кожуфскиот масив (реките Коњска, Кованска, Серменинска, Бошава, Дошница, Петрова), малите реки во Гевгелиско-валандовската котлина (Анска, Поганска, Луда Мара), како и водотеците во горниот дел од сливот на реката Струмица во Радовишо.

– Предупредуваме за внимателно движење покрај водотеците (особено на помалите) и будно следење на состојбата во наредните денови, наведува УХМР.